Воена парада во Солун за националниот празник на Грција
Системот за противвоздушна и противракетна одбрана „Штитот на Ахилеа“, беспилотни системи од грчко производство, грчкиот систем за откривање и неутрализирање дронови, што се дел од новите современи воени системи, за првпат беа презентирани на традиционалната воена парада во Солун за одбележување на националниот празник, денот „Охи“ (Не), односно негативниот одговор на Грција на ултиматумот од Италија во 1940 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Воената парада во Солун ја следеше грчкиот државен врв, министри од Владата, како и лидери и претставници на опозициските партии, но и илјадници граѓани.
Во воениот дел учествуваа припадници на армијата, пешадиски тимови, оклопни возила, од воздух прелетуваа авионите Ф-16 Вајпер, Мираж, Ф-4, воени хеликоптери, во близина на пристаништето беше закотвена фрегатата „Кимон“ од типот Белара, а беа претставени и голем број нови и иновативни современи средства, меѓу кои ракетниот систем ПУЛС, противтенковските ракети Спајк НЛОС и оклопните возила Страјкер.

Како и секоја година, така и денеска, парадата заврши со прелет на Ф-16, маневрите на пилотот над Солун беа особено впечатливи, а паралелно испрати и порака за националниот празник, велејќи дека „еден збор ја менува историјата, а за Грците овој збор е не“.
По завршувањето на парадата, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посочи дека „во турбулентните времиња во кои живееме, 28 октомври секогаш потсетува дека слободата и мирот никогаш не се загарантирани“, се осврна на надградбата и модернизирањето на армијата и уште еднаш порача дека „Грција е сила на мирот, која не уценува, но ниту дозволува да биде уценувана; не се заканува, но ниту прифаќа закани“
Грчкиот претседател Константинос Тасулас, потсети дека во 1940 година Грција ја одбрани својата слобода, „во време кога речиси цела Европа имаше потклекнато пред нацистичките војски, само Англија, Шведска и Швајцарија тогаш не беа окупирани од Третиот Рајх, а Грција се прославуваше со своите големи подвизи“ и изрази увереност дека исто како и тогаш, така и сега „Грција, со единство и сплотеност, може со оптимизам и сигурност да гледа кон својата иднина“.

Традиционално секоја година, паралелно со воената парада во Солун, во Атина и во останатите грчки градови се одржаа паради на учениците.
Поради најавите и предупредувањата за невреме во одредени делови на земјата, како што се островот Евија, областа Магнисија, островите од групите Кикладес и Додеканизи, но и во атински општини, парадите на учениците беа откажани.