„Водовод“: Водата во Скопје е безбедна за пиење
„Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење, со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи“, соопштија од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.
Испитувањата на водата биле извршени денеска (22 декември) од страна на секторот Санитарна контрола во рамки на јавното претпријатие.Мониторингот, велат, опфатил девет клучни места од кои биле земени примероци: Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош.
„Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа“, додаваат од ЈП „Водовод и канализација“.
На 21 декември околу 2 часот беше затворен еден од двата главни вентили на скопскиот водовод со што најголемиот дел од Скопје остана без вода за пиење.