Водостојот на ХЕЦ „Тиквеш“ е критичен
Водостојот е критичен и последица од несовесно управување, неопходна е акција, е изјавата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, по денешната посета на хидроелектраната „Тиквеш“, информираат од Министерството.
Таа сакала да се информира за моменталната состојба со хидропотенцијалите, техничката подготвеност и предизвиците поврзани со водостојот во земјата.
– Нивото на големата вештачка акумулација во земјава, Тиквешкото езеро, останува далеку под потребното ниво. Водата од езерото не е ниту до горниот праг од тунел Тисовец кој е на кота 245 м. водостој на Тиквешкото езеро. Генерално состојбата е критична на ниво на цела држава, се вели во соопштението до јавноста.
Божиновска заедно со директорот на електраната, Звонко Бошков и претставници на раководството на ЕСМ биле во обиколка на ХЕЦ Тиквеш.
– При обиколката на браната, беше јасно видливо дека нивото на водата е далеку под потребното ниво. Празниот простор некогаш исполнет со вода сега сведочи за сериозноста на ситуацијата, споделија од Министерството.
Министерката ја нагласила итната потреба за внимателно и одговорно менаџирање со ресурсите. Таа истакнала дека сликата што ја затекнале испраќа јасна и итна порака, дека енергијата не е бесконечна.
– Ова е повик за будност. Ќе вложиме максимални напори за оптимизирање на користењето на ресурсите. Ќе се занимавме и со тоа зошто ни се опустошени македонските енергетски капацитети, но јас знам дека со чесен пристап, со макотрпна работа може да се промени сегашната слика и нема да се откажам, ниту јас ниту оваа влада од намерата Македонија да биде енергетски независна земја, истакнала Божиновска.
Тимот од хидроелектраната информирал дека освен критичната состојба со водата, стравувале и од хаварија, бидејќи доколку нивото на водата продолжи да паѓа со „влез на воздух во доводниот цевод“, можело да доведе до кавитација и сериозни оштетувања на системот. Присутните истакнале дека ова е прва посета на ресорен министер по речиси две децении, а денешниот ден им донел и поволни временски услови. Денес имало доток на вода 7 пати повеќе од претходниот период, благодарение на обилните дождови изминатото деноноќие.
– Наследив празна акумулација, со кота која е 12 метри под просечната за овој период од годината. Но денес за прв пат имаме дотоци кои по подолго време се двоцифрени. Деновиве имавме дотоци од 5 кубни метри во секунда, а само во последните 24 часа имаме дотоци од 77 кубни метри во секунда и се надеваме дека тоа ќе оди во нагорна линија и дека идното производство ќе биде во функција на зголемувањето на приходите на нашата компанија а со тоа и на подобрување на примарната и секундарната регулација која ќе овозможи постабилен енергетски систем во нашата држава, изјавил директорот на ХЕЦ Тиквеш.
Министерката сакала и лично да ја види состојбата во машинската зграда која се наоѓа во подножјето на браната.
– ХЕЦ „Тиквеш“ произведува електрична енергија со инсталирана моќност од 113 MW и годишно производство од 144 GWh, но сега се соочува со сериозни ограничувања поради недостигот на вода. Раководството ја информираше министерката и за идните инвестициски планови за подобрување на состојбата. Министерката изрази благодарност до тимот на ХЕЦ „Тиквеш“ за нивната посветеност во одржувањето на производството, соопштија од Министерството.
Оттаму појаснија дека работната посета на хидроелектраната „Тиквеш“ е дел од континуираните активности на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини за зајакнување на транспарентноста, ефикасноста и долгорочната стабилност на енергетскиот сектор.