Во Зрновци почна да се гради приватен Дом за стари лица, Мицкоски во прв ред

Во Зрновци денеска официјално започна да се гради Дом за стари лица, прв објект од ваков карактер во источниот дел на Македонија. Станува збор за приватна инвестиција на компанијата „Еко Пак Хит“ од Кочани. Домот ќе располага со површина од 1.800 квадратни метри. Во зградата ќе можат да се сместат 64 лица во 32 соби. Во прв момент предвидено е да се вработат 30 лица. Во зависност од потребите, во подоцнежна фаза може да се дојде до бројка од 50 вработени лица.
Ова го изјави, Билјана Митева, претставник на „Еко Пак Хит“, после положувањето на камен-темелникот, чин што го освети митрополитот Брегалнички, господин Иларион, а на кој присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
-Целта за изградба на овој Дом не е само развој на Општина Зрновци, туку развој на целиот Источен регион. На раѓањето на Пресвета Богородица сите сме сведоци на раѓање на нов проект, кој ќе овозможи поквалитетен живот на повозрасните и нови работни места, нагласи претставникот на „Еко Пак Хит“, Билјана Митева, заблагодарувајќи му на премиерот Мицкоски за неговото присуство и за соработката со Владата во врска со инвестицијата.
Мицкоски, пак, од свое име им честиташе на инвеститорот што се одлучиле да инвестираат во еден ваков објект, овде во Општина Зрновци. Според него, тие се пионери во Источна Македонија. Она што тие денес го започнуваат, смета тој, е додавање вредност во квалитетот на животот на жителите во овие општини и генерално во источниот дел од државата.
-Се потрудивме и како Влада и градоначалникот, како Општина Зрновци, да сториме се што е во наша моќ, нормално и во наши ингеренции, да помогнеме тој процес да се забрза и денес да се радуваме на овој преубав ден, раѓањето на Пресвета Богородица да создаде едно раѓање на еден нов објект, којшто ќе значи долг живот за сите оние коишто ќе ги користат неговите услугите, нагласи премиерот Мицкоски.
За градоначалникот на Општина Зрновци, Борчо Коцев, почетокот на изградба на Домот за стари лица е значаен настан што значи развој на Општината и создавање услови за поквалитетен и подостоен живот за највозрасните граѓани.
Домот за стари лица во Зрновци, општина што се наоѓа на десетина километри од Кочани, треба да биде готов да ги прими првите станари во наредниот период од 12 месеци. Инвеститорот планира, исто така во Зрновци, да подигне и сместувачки капацитети за луѓето што ќе ги посетуваат своите блиски што се сместени во Домот за стари лица.
На настанот Мицкоски даде изјава во која порача дека цел на владата е се што е почнато и заглавено да го одглави и да ја засили динамиката на реализација.
-Пуштаме патишта, пруги, капитални инвестиции, меѓу кои е и браната Отиња. Се разбира дека планираме и развој, кој се проектира и очекувам до крајот на оваа година или првата половина на следната година крупните големи проекти да ги завршиме и да почнеме со нови развојни проекти, преку инвестирање во општините токму тоа и го правиме. Генерално тоа се приоритетите, изјави Мицкоски.
Одговорајќи на новинарско прашање за браната на река Отиња во Штип, премиерот изјави дека од првичната пресметка недостасувале околу 2 милиони евра.
– Со ребалансот се обезбедени и тие средства, па од 6 дојде на 8 милиони евра. Значаен проект, нагласи премиерот Мицкоски.
Прашан за браната Речани и дали може да се забрза динамиката на изградба, премиерот Мицкоски изјави дека може, но прво, како што рече, мора да се откријат одговорните зошто до тука е заглавена работата.
– Јас знам, но институциите се занимаваат. За жал, некој се поигрувал со државните пари, како и многу работи во минатото. Апсолутно да, тоа е во нашиот фокус и не треба да имате дилема бидејќи и за самото Кочани, кое ќе биде најголем корисник на тој капацитет, тоа ќе значи помали трошоци во процесот на водостабнување кај граѓаните бидејќи нема да се користат бунари, па да се плаќа скапа електрична енергија. И ако ја пресметаме внатрешната стапка на поврат на подолг рок, таа е во корист на граѓаните, општината, државата и апсолутно да, тоа е приоритет. Но, мора некој конечно да се позанимава и што се случувало во минатото, но тоа е работа на Обвинителството. Сега тоа што таму е ситуацијата таква каква што е, тоа е друг проблем, кој се надевам дека наскоро ќе го решиме, изјави премиерот.