Спасовски: Нападот на полицајците и институциите не е демократија, туку анархија (Видео)

Полицијата има информации дека насилни протести би можеле да се повторат и вечерва дури и со употреба на молотови коктели


Фото: Б. Грданоски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР и БЈБ утрово ги посетија хоспитализираните полициски службеници повредени за време на вчерашниот протест пред Собранието против францускиот предлог.

МВР соопшти дека во синоќешниот протест се повредени 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.

Фото: Б. Грданоски

– Најостро го осудувам насилството на протестите, истакна министерот на МВР, Оливер Спасовски по посетата на повредените полицајци. Нападот на полициските службеници, нападот на институциите не е демократија туку анархија, вандализам и насилство, кажа министерот. 

Министерот потенцираше дека на протестите се повредни 47 полициски службеници.

– На протестите се повредени 47 полициски службеници од вандалските напади врз нив и врз виталните објекти на државата, додаде Спасовски.

Фото: Б. Грданоски

Појасни дека приведени се 11 лица, од кои најмалку двајца малолетници, а најави и дека за нив следуваат соодветни санкции.

Спасовски кажа дека полицијата имала информации за синоќешните настани и дека е отворена оперативна обработка, но дека тоа е дел од истрагата и оти не сакам да соопштува други детали.

-Сите информации се собрани дури и за организаторите, рече Спасовски додавајќи дека полицијата има информации дека насилни протести би можеле да се повторат и вечерва дури и со употреба на молотови коктели притоа повикувајќи ги организаторите и лицата кои се подготвуваат за вакво сценарио да се откажат од него.

Во врска со немирите кои, како што наведуваат од МВР, ескалираа пред објектот на Собранието, приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.

Протестот се одржа во периодот од 19:00 часот пред Владата, продолжи пред Министерството за надворешни работи и заврши пред Собранието околу 22:30 часот.

Како што соопшти МВР, констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции.

Фото: Б. Грданоски

За време на вечерашниот протест оштетувања на прозорците и фасадите се пријавени во сите три објекти: Владата, МНР и Собранието на Република Северна Македонија. Покрај ова, демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.

Тротоарот пред „Жена-парк“ од каде што беа вадени коцките за да се нападнат полицајците

Во врска со немирите кои ескалираа пред објектот на Собранието на Република Северна Македонија, од страна на полициските службеници приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.

МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон  македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот, апелираат од МВР.