(Во живо од седницата на Советот) – Град Скопје ја поздрави одлуката на Владата да обезбеди гориво за ЈСП


Фото: Б. Грданоски
Откако два дена скопјани мака мачат со автобусите на ЈСП, кои изостанаа од сообраќај поради недостиг на гориво, проблемот времено го реши Владата која дозволи гориво да се точи од државните резерви во следните седум дена, а од Град Скопје ја поздравија оваа одлука. 
 
– Ја поздравуваме одлуката на Владата со која конечно се докажа дека секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает и дека доколку јавниот интерес е на прво место можно е конструктивно да се делува во интерес на граѓаните. Потсетуваме дека Владата сè уште има долг од 500 милиони денари кон ЈСП Скопје за студентскипт стандард и бесплатниот студентски превоз, со кои ќе се стабилизира во целост состојбата во претпријатието.
 
Дополнително, ја повикуваме советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го следи позитивниот пример на Владата и разумно со грижа за интересот на граѓаните како приоритет, да ги донесе одлуките во Советот на град Скопје неопходни за подобрување на состојбите во јавниот превоз. Апелираме на следната седница конечно по повеќе од 2 години советниците да ги изгласаат точките за нови автобуси за ЈСП како и за отпочнување на реализација на проектот за БРТ каде се предвидени дополнителни 60 автобуси, адаптирано согласно ветувањата од програмата „За Модерно Скопје“.
 
Важно е и советниците да заземат став за барањата на приватните превозници што како одлука единствено тие можат да ја донесат за во целост да се нормализира јавниот превоз – соопштија попладнево од Град Скопје.
 
Инаку, состојбата со градскиот превоз во Скопје и попладнево беше тешка. Сообраќаа само 30-тина автобуси кои се движат на гас, па впечаток е дека ги имаше само на подолгите релации, кои го поврзуваат едниот и дргуиот крај на градот. 
 

Автобус се чекаше повеќе од половина час. Многумина се возеа со такси по подолго чекање автобус. Некои се договараа со соседи, роднини, но и непознати кои се движеа во ист правец, а имаа место во автомобилот.

Во тек е веќе закажаната седница на Советот на град Скопје, попладнево од 18 часот, дел од советниците велат дека нејзиното одржување е беспредметно, но со оглед дека веќе е закажана, ќе ја искористат за изнаоѓање на одржливи решенија за проблемот со јавниот градски превоз во Скопје.

Проследете ја во живо: