(Во живо) Потпорниот ѕид кај Клинички може да се поправа цело лето


Во просториите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), се одржа координативен состанок за  опасноста од полусрушениот ѕид на територијата на Клиничкиот центар во Скопје.

Како што информираат од ЦУК, на состанокот беа претставници на Град Скопје и на Општина Центар, но не дошле претставници од Министерството за здравство.

Претходно, ЦУК апелираше до надлежните институции, да се координираат и веднаш да се реши проблемот со потпорниот ѕид.

Дернеска во ЦУК имавме координативна среба на која го разгледавме прашањето за потпорниот ѕид и подземните води на улицата „Белградска“ во близина на Универзитетската клиника за детски болести.

„На состанокот се разгледа сеопфатно ова прашање. Долгорочно проблемот е многу посериозен и поголем, кога станува збор за целосно зафаќање и собирање на подземните води од Водно, затоа што дел од каналската мрежа изградена во 50-тите години од минатиот век е уништена и затрупана, а дел се одржува. Целосно одржување на тој систем во моментов не може да се рече дека имаме, поради што е потребно реконструкција и целосно нова изградба на нов систем, што е долгорочно решение коешто би требало да трае со години или цела деценија. Но, тоа е државен проблем којшто ќе се решава во иднина“, велат од ЦУК.

Што може да направи акутно и веднаш?

„Акутно и веднаш е поправката на оградата којашто е во надлежност на министерството за здравство, бидејќи таа е само ограда за еден објект, односно за Универзитетските клиники. Но, може да се бара и акутно решение на подземните води коишто се површински води на улицата „Белградска“. Прашањето ќе се разгледа помеѓу Градот Скопје и Општината Центар за каптирање на таа вода на улицата „Белградска“ и нејзино внесување во атмосферската канализација. Очекувам во наредните денови да се одржи координативна средба меѓу Општината Центар и Градот Скопје и да се види што е тоа што може да се направи како итно решение за овој проблем“, додаваат од ЦУК.

Но, и тоа нема да биде брзо. Имено, санацијата на проблемот може да трае цело лето. Најпрво Министерството за здравство треба да ја поправи оградата. Местото да се обележи како опасно за минувачите и возачите. Потоа, Центар и град Скопје да се договорат како ќе ја решат каптацијата на површинската вода од улицата „Белградска“ што е зафат од околу 700-800 метри, но и за тоа нема буџет, односно ниту Град Скопје, ниту Општина Центар не предвидел пари за ваков зафат. 

Потоа, треба да догради потпорниот ѕид, за кој пак треба посебна студија за издржливост. 

Едно е сигурно, дека за недела, две граѓаните не треба да очекуваат проблемот да биде надминат и улицата „Белградска“ да биде безбедна за сите кои поминуваат по неа.  

Директорот Стојанче Ангелов неодамна во изјава за медиумите кажа дека со најлошо сценарио, може да дојде до рушење не само на ѕидот, туку и на дел од улицата по која минуваат возила.

– Може да дојде до поголема трагедија каде ќе бидат опфатени и возила. Во опасност се човечки животи, здравје, но и човечки имот, мислејќи на паркираните возила под ѕидот, појасни Ангелов.