Во Владата им падна „лажицата в мед“ за платите, што е со приватниот сектор?
Вработените во некои државни институции во 2025 ќе добијат значајно поголеми плати. Од друга страна, состојбата со платите во компаниите останува неизвесна
Дали растот на платите меѓу јавниот и приватниот сектор сѐ повеќе ќе биде на штета на вработените во приватните компании? Ако се земат податоците за месечните примања во компаниите, со изземање на неколку сектори, како што се информатичко-комуникациските технологии, финансиските услуги и уште некои, од една страна, како и проекциите за платите по сектори во Предлог-буџетот за 2025 година, од друга страна, ваквиот исход се чини неминовен.
Тоа особено се однесува на вработените во Владата, како и на новоформираното Министерство за енергетика, потоа во Советот на јавни обвинители, Дирекцијата на ТИРЗ итн, каде што според предлогот на Владата за наредната година се предвидени значајни зголемувања на платите на вработените во овие институции и владини служби.
Така на пример, за 359 вработени во Владата, колку што ќе ги има наредната година, во Предлог-буџетот е предвидена бруто плата од 137.226 денари по вработен, што во однос на годинава, кога бруто платата по вработен е 90.488 денари е зголемување од 54 отсто. Кога од бруто платата ќе се одземат придонесите за здравствено и за пензиско осигурување, како и другите давачки, излегува дека просечната нето-плата на вработените во Владата ќе изнесува речиси 90 илјади денари, односно околу 1.500 евра.
„Лажицата во мед“ сепак, ќе ја имаат вработените во новоформираното Министерство за енергетика каде што се предвидува дека во 2025 година ќе работат вкупно 63 лица, кои поединечно ќе земаат бруто плата од Буџетот во износ од 161.533 денари или околу 2.630 евра, односно нето плата во износ од над 105 илјади денари или по околу 1.700 евра секој.
Значаен пораст на платите ќе имаат и вработените во Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) каде што просечната бруто плата во 2025 година ќе биде 110.115 денари наспроти 61.905 денари годинава. Бројот на вработени во оваа институција останува речиси идентичен (годинава се 77, а идната година се предвидени 78 лица).
Во врвот според примањата се и во Советот на јавни обвинители кои ќе земаат бруто плата по 147.703 денари иако таму зголемувањето е незначително (годинава бруто платата по вработен е 145.520 денари). Во оваа институција е предвидено едно работно место помалку (17 оваа година, и 16 идната година).
Од друга страна, има институции каде што според Предлог-буџетот се предвидува просечно намалување на платите, како на пример кај Собранието каде што иако се зголемува вкупниот буџет, бруто платата ќе се намали на 134.078 денари од годинашниве 134.970 денари по вработен, но таму се предвидува зголемување на бројот на вработени од сегашните 387 на 431 лица. Помали плати се предвидени и за вработените во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Ваквите зголемувања на платите за дел од вработените во јавниот сектор се далеку над процентот на инфлацијата, која за наредната година се предвидува да изнесува 2,2 отсто, што значи дека нивниот личен стандард ќе биде многу подобар од годинава.
Дали истото ќе се случи и со вработените во приватниот сектор е големо прашање, бидејќи во делот на платите вакви проекции се тешко изводливи. Според последното соопштение на Државниот завод за статистика, просечната нето-плата по вработен во септември годинава во Македонија беше 41.585 денари, или за 14 отсто повеќе во однос на првите девет месеци лани. Реалниот раст на платите, откако ќе се одземе стапката на инфлација, во овој период беше 10,3 отсто. Најголеми плати, според статистичарите, имаа вработените во Информации и комуникации – 76.547 денари нето-плата (кај компјутерското програмирање нето платата беше 95.904 денари).
Од друга страна, најниски плати имаше во делот на заштитни и истражни дејности – 23.090 денари, рибарство и аквакултура – 26.369 денари, производство на текстил – 27.855 денари и производство на кожа 27.403 денари.
Очигледно е дека голем дел од вработените во јавниот сектор нема да имаат проблеми со покривање на месечните трошоци, што не може да се каже и за голем дел од вработените во приватните компании. Вредноста на синдикалната минимална кошница (СМК) за ноември 2024 година изнесуваше 62.021 денари, а со изнајмен стан од 60 квадрати за ноември 77.396 денари. Споредено со вредноста на синдикалната минимална кошница за октомври 2024 година која изнесува 61.249 денари е зголемена за 772,00 денари.
Денеска на прес конференција во Владата новинарите ѝ поставија прашање на портпаролката Марија Митева дали е логично вработен во Министерство за енергетика да зема нето плата од 105 илјади денари, а бруто плата од 160 илјади денари, вработен во Владата бруто плата од 137 илјади денари, а лекар да зема во просек 50 илјади денари, наставник нешто над 30 илјади денари, а текстилен работник минимална плата од 22.500 денари.
„Во однос на вашето прашање јас не би можела да дадам одговор за тоа која е логиката или не во рамки на платите, претпоставувам дека истите се однесуваат врз основа на закони коишто се предвидени. Дали разликата или дискрепанцата којашто ја има во однос на платите од позиција до позиција е различна – да, дали зборувавме како Влада ќе размислувавме за подигнување на стандардот на граѓаните и на сите оние кои што треба да земаат соодветни плати за соодветна позиција – да“, рече Митева, додавајќи дека подобрувањето на животниот стандард на граѓаните подразбира не само зголемување на платите туку и обезбедување сериозни економски услови кои што ќе го подобрат животниот стандард.
На прашањето зошто како Влада не започнале со зголемување на платите од вработените во текстилната индустрија на пример, Митева одговори дека во повеќе сегменти од работењето предвидени се зголемувања на платите, како и дека во минатите неколку недели најавиле зголемувања на платите за образовниот кадар, за здравствените работници…
На дополнителното прашање дали Владата свесно или несвесно манипулира со зголемувањето на платите во здравството, затоа што тоа го претстави како зголемување од 10 проценти по вработен, а тоа е 10 проценти на вкупниот буџет за плати во здравството, односно 2.000 – 3.000 денари по вработен, за разлика од вработените во Владата и во министерствата каде што платите се зголемуваат по речиси илјада евра, Митева рече дека не се согласува со констатцијата за свесно или несвесно манипулирање со информациите коишто ги споделуваат како Влада, како и дека имале конкретна прес-конференција на која што објавиле како ќе биде методолошки зголемувањето на платите на здравствените работници, потсетувајќи дека добиле поддршка за мерката.