„Јас во јануари не пробав цреши, праски…“: Мицкоски сака „ремонт“ на синдикалната кошница

Еве, дел од овие производи во јануари не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, цреши, кајсии, праски, не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму ги има, вели Мицкоски


Христијан Мицкоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека на синдикалната минимална потрошувачка кошница ѝ е потребен „ремонт“, бидејќи во неа има нелогичности, како, на пример, некои производи кои тој, како што кажа, не ги пробал во јануари, како и изборот на маркети каде што се следат цените на производите.

За ова станало збор и на вчерашниот состанок на Економско-социјалниот совет што се одржа во Владата, каде што покрај за синдикалната кошница станало збор и за минималната плата. Во врска со ова, Мицкоски вели дека предлогот на Стопанската комора на северозападна Македонија за зголемување на минималната плата на 31.400 денари бил отфрлен, бидејќи не бил во согласност со законот и Уставот, но рече дека дискусиите за минималната плата продолжуваат, но проблем вчера било што на еден од партнерите од страна на сидикатите, му била истечена репшрезентативноста, која допрва треба да се утврдува.

„Во текот на вчерашниот состанок, на Економско-социјалниот совет беа присутни претставници од повеќе синдикати и од работодавачите. Владата е фасилитатор на тој процес и ние не се криеме, сакаме јавно да дебатираме за сѐ“, изјави денес премиерот Мицкоски на прес-конфереција во Владата.

Тој додаде дека ја добил методологијата врз основа на која ССМ ја изготвува минималната синдикална кошница и дека забележал работи кои му делувале „многу чудно“.

„Еве, јас на пример, дел од овие производи во јануари не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, цреши, кајсии, праски, не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму ги има, бидејќи во минимална кошница малку нелогично е да имате цигари коишто се содржани во методологијата“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој посочи дека со цел Владата да не биде таа што ќе го натсинхронизира тоа што е работено од синдикатот, а „оценувано од двајца поранешни министри на СДСМ, Никола Поповски и Тевдовски“, било одлучено да се вклучат сите стејкхолдери и сите заедно да ја формираат минималната потрошувачка кошница.

„Цените да не бидат од еден од поекслузивните синџири на маркети, туку бидејќи е минимална потрошувачка кошница, од тие што се со пониски, поскромни цени, да избереме средина. И така да ја пресметуваме минималната потрошувачка кошничка“, рече Мицкоски, додавајќи дека таа можеби ќе биде поголема од оваа што е сега, а можеби и помала.

„Треба да се организираме, да создадеме методологија и врз основа на таа методологија да креираме политика“, рече премиерот, повторувајќи: „Јас во јануари простете, цигари не пушам, не испив лименка нес кафе од 250 грама, не изедов ниту една цреша, не знам како изгледаат праски и кајсии, ниту пак, диња и лубеница, ниту грозје“.

Мицкоски рече дека поради ова цени дека кај кошницата треба да има интервенции и треба да има нешто пообјективно за да може врз основа на тие објективни параметри Владата да води политика.

Во однос на темата за минималната плата, за што исто така вчера на состанокот на ЕСС станало збор, новинарите прашаа дали ќе се донесе заклучок за законско усогласување или има простор за поголема минимална плата. По состанокот на ЕСС вчера, претставниците на работодавачите рекоа дека бил отфрлен предлогот да се субвенционираат дел од придонесите, а од ССМ дека имало можност да се разговара за ова.

„Најпрвин сакам да демантирам дека било што било отфрлено од Владата или било прифатено“, рече Мицкоски, при што наведе две причини.

Прво, како што посочи, на вчерашниот состанок на Економско-социјалниот совет било констатирано дека „еден од партнерите не може да ги претставува интересите на таа страна бидејќи немаме синдикат кој што е репрезентативен“.

„Репрезентативноста на синдикатот е истечена, сега Владата формира нова комисија којашто треба да утврди репрезентативност на синдикатите. Тоа значи дека ако еден не е на масата, тогаш не се гласа и не се носат заклучоци. Затоа Владата ниту имала можност да прифати ниту да одбие, бидејќи поради тоа што еден од партнерите немаше репрезентативност која што дополнително ќе се утврди, ние не можевме да носиме какви било заклучоци“, истакна Мицкоски.

Тој вели дека во интерес на вистината, од еден од партнерите во име на објективноста одлучиле и покрај тоа што нема репрезентативност, дебатата да се одржи.

„Беше даден предлог за минимална плата која што потекнува од една од коморите, во којашто се вели минималната плата да биде 31.500 денари, а придонесите да се плаќаат на сегашната минимална плата од 22 или 24 илјади денари. Тоа, да, од мене беше одбиено, од проста причина што не е во согласност со закон, а второ, е невозможно за имплементирање, трето, ние придонеси за здравствено и пензиско уплаќаме за да добиеме здравствено осигурување и да имаме мирна пензија, ако ја дочекаме“, рече Мицкоски.

Тој објасни дека во Буџетот за 2025 година е предвидено зголемување на Фондот за здравствено осигурување од 6,3 милијарди денари, поголемо споредено со 2024 година, односно 100 милиони евра повеќе, „за да добијат граѓаните нега таква каква што заслужуваат“.

Истовремено, како што посочи, имајќи предвид дека има задолжителни два столба, еден државен, еден приватен, во Фондот за пензиско и инвалидско дупката се зголемува и таа ќе се зголемува барем уште следниве шест-седум години, бидејќи засега се многу мали исплатите од приватниот фонд, речиси незначителни.

Сумирајќи, тој рече дека политиките на владата се граѓаните да добијат подобро здравство, за тоа во буџетот се предвидени дополнители 100 милиони евра и да имаат солидна пензија, а за тоа е предвидено ново линеарно зголемување од 2.500 денари почнувајќи од мартовската пензија.

„Така што таа логика, на плаќање со трикови на придонеси, а поголема минимална плата, ќе донесе тотална дисторзија во системот и нешто што е спротивно на законот и на Уставот. Впрочем, секој има загарантирано уставно право на пензија, оној кој што ги исполни условите, се разбира. На овој начин, за жал, тоа загарантирано право се онеспособува“, смета Мицкоски.

Тој додаде дека за сѐ останато ставот на Владата останува како и до сега.

„Еве ги синдикатите и работодавачите. Тоа што ќе се договорите, тоа ќе го поддржиме. Затоа што ако се усогласат за поголеми минимална плата од оваа која што е сега согласно законот и методологија, тоа ќе значи повеќе приливи во Буџетот, ќе профитира Владата и централниот буџет. Затоа ние не сакаме да бидеме погрешно сфатени дека сакаме повеќе приливи туку велиме ‘вие дечки договорете се, ние тоа ќе го прифатиме’“, рече премиерот Мицкоски.