Во Виница и Кочани утре ќе бидат промовирани можностите за користење бесплатна правна помош


 Можностите за користење бесплатна правна помош, односно каде и како таа може да се добие и кои институции/организации ја даваат, ќе бидат промовирани утре во Виница, а задутре во Кочани.

Настанот ќе се одржи пред градските пазари во градот, а учесниците ќе имаат можност да им постават прашања на експерти од областа и да добијат одговори, како и да добијат лесно разбирливи информативни материјали за конкретните теми за кои може да се побара и добие бесплатна правна помош, вклучувајќи семејно насилство, имотни прашања, дискриминација и социјална заштита итн., соопшти канцеларијата на Советот на Европа во Скопје.

Информативните активности, организирани во 12 општини во државава од 13 јули до 20 август, како што се посочува, се очекува да ги зајакнат знаењата за бесплатната правна помош меѓу жителите на локалните заедници, но, исто така и меѓу правните професионалци, на тој начин подржувајќи поширок пристап и искористување на овие правни услуги, со особен фокус на ранливите групи, како што се жените и децата.

Кампањата за бесплатна правна помош, што во државава се спроведува од 2021 година, има за цел да ги промовира овие услуги како еден достапен и функционален механизам што нуди ефикасна правна заштита на граѓаните и најважно од се, осигурува еднаков пристап до правната помош за оние коишто инаку не би можеле да си ја дозволат. Настанот се организира во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и на Советот на Европа „Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија”, во тесна соработка со Министерството за правда и останатите членови на Националното координативно тело за бесплатна правна помош: подрачните одделенија на Министерството за правда, граѓански организации и правни клиники овластени да да даваат бесплатна правна помош (БПП).

Проектот е дел од заедничката програма на СЕ-ЕУ „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022 г.”, иницијатива за соработка со која им се помага на земјите-кориснички во Западен Балкан и Турција да се усогласат со европските стандарди, информираат од канцеларијата на Советот на Европа во Скопје.