Во уставот на Хрватска се набројани 22 малцинства, меѓу нив и Бугарите

Бугарите се наведени во хрватскиот устав, иако нивниот број според пописот во 2011 бил само 350


Загреб

 

Една од најжешките теми околу усвојувањето на преговарачката рамка предложена од Франција е и впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Околу можноста за внесувањето на Бугарите во Преамбулата често се споменува уставот на Хрватска во кој се наведени малцинствата што живеат во таа држава.

Во преамбулата на хрватскиот устав се споменуваат дури 22 малцинства, меѓу нив и Бугарите. Таму се споменати и Македонците. Во првиот дел на Уставот на Хрватска, кој се нарекува „Изворни основи“ во точката 2 се наведува:   

„Република Хрватска е основана како национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства: Срби, Чеси, Словаци, Италијанци, Унгарци, Евреи, Германци, Австријци, Украинци, Русини, Бошњаци, Словенци, Црногорци, Македонци, Руси, Бугари, Полјаци, Роми, Романци, Турци, Власи, Албанци и други, кои се нејзини граѓани, на кои им се гарантира еднаквост со хрватските граѓани и остварување на националните права во согласност со демократските норми на ОН и земјите на слободните светот“.

Според последниот попис од 2011 година кога детално се избројани малцинствата во Хрватска имало само 350 Бугари, од кои најголемиот дел е во Загреб. Тие се организирани во Националната заедница на Бугарите во РХ, а имаат и свое гласило.

Бројот на Македонците во Хрватска е далеку поголем – според бројките од пописот во 2011 тој изнесувал 4.138. Тие се прилично активни во општествениот живот на Хрватска.

Според првичните резултати од пописот спроведен во 2021  населението на Хрватска е намалено за 10 отсто во последните 10 години и сега изнесува 3,88 милиони.

Србија има поинакво решение за националните малцинства. Во преамбулата на српскиот устав пишува: „Република Србија е држава на српскиот народ и на сите граѓани кои живеат во неа, заснована на владеење на правото и социјална правда, на принципите на граѓанска демократија, човекови и малцински права и слободи и припадност на европските принципи и вредности“.

Според податоците од српската влада во Србија има 21 национално малцинство и за нивната организација и дејствување секое од нив има Национален совет.