Во услови на пандемија граѓаните да водат грижа за менталното здравје, порачуваат кумановските психијатри


Фото: Б. Грданоски

Расте бројот на лица од Куманово кои бараат помош за надминување на проблемите со менталното здравје предизвикани од пандемијата на Ковид-19, велат од одделението за психијатрија од кумановската Општа болница. Куманово регистрира околу 900 заболени лица од почетокот на пандемијата и не е невообичаено да се зголеми бројот на лица кои страдаат од анксиозност, депресија и други психички проблеми. Психијатарката и психотерапевтка Адриана Богдановска Тоскиќ од одделението за психијатрија појаснува дека повеќе аспекти поврзани со актуелната пандемија придонесуваат да биде нарушена менталната благосостојба на луѓето.

– Се работи за реална закана од инфекција и развивање болест со можен и фатален исход. Ваквата закана предизвикува чувство на страв, неизвесност, па и паника. Вирусот е нов и непознат за медицината, беше нејасна неговата трансмисија, факторите кои ја усложнуваат клиничката слика, терапискиот пристап, што дополнително се рефлектира и врз перцепцијата на вирусот и заболувањето кај популацијата зголемувајќи и го чувството на загрозеност. Посебна категорија загрозени граѓани беа и се лицата позитивни на САРС-КоВ 19 и лицата заболени од Ковид-19, како и нивните фамилии и блиски контакти. Кај нив стравот и неизвесноста се мултиплицирани, вели Богдановска Тоскиќ.
Искуството на психијатрите покажува дека кај поединци се исцрпува психолошката заштитна бариера и стравот се манифестира во соматизациони (срцебиење, потење, гушење, главоболка), панични и депресивни симптоми, што е резултат на зголеменото чувство на страв и загрозеност што доаѓа поради наметнатото однесување, кое, пак, има цел превенција на ширењето на вирусот, намалување на контактите, држење физичка дистанца, носење лична заштита, доаѓа до активирање и адаптирање на психолошките механизми на одбрана и одредени промени во когнитивно-бихејвиоралното функционирање.

– Има и зголемување на бројот на лица кои бараат психолошка, психотераписка и психијатриска помош и тоа токму поврзано со избивањето на пандемијата и адаптацијата на новонастанатите услови, додава Богдановска Тоскиќ. Таа потенцира дека секоја индивидуа има своја специфична карактерна структура и користи сопствен сет психолошки одбранбени механизми. Кај некои лица соочувањето со закана предизвикува преплавување со страв и кај нив се развиваат одредени опсесивни однесувања. Други лица, не можејќи да ја поднесат анксиозноста, го користат механизмот на негација. Некои луѓе му приоѓаат на проблемот со рационализација и изолација на афектот што може извесен период да остава впечаток на успешно справување со стравот.

Богдановска Тоскиќ препорачува пациентите да го структурираат денот, да остават време и за релаксација или хоби.

– Многу е важно да се одржат и воспоставенaта социјална поддршка и комуникација во изменети услови, но важно е да се споделат емотивните доживувања, стравови, да се поразговара со некој со кој се чувствуваме прифатено, релаксирано. Добро е да се помине време надвор на отворено, во природа, вели Богдановска Тоскиќ.

Пациентите во кумановската болница можат и телефонски да се консултираат со психијатарот, може и да користат онлајн начин да поразговараат со психијатарот, да побараат помош и советување.