Во Украина досега убиени 90 деца
Канцеларија на јавното обвинителство на Украина соопшти дека во воените дејствија на руската армија во земјата досега се убиени 90 деца.
Според информацијата објавена денеска преку платформата „Телеграм“, од почетокот на руската агресија во Украина се убиени 90, а ранети повеќе од сто деца. Најмногу од жртвите по региони има во Киев, следува регионот Харков, потоа во регионот Доњецк, Чернигив, Суми, Херсон, Миколаев и Житомир.
Во текот на вчерашниот ден се убиени две деца, а две ранети при ракетирање цивилни објекти во регионот Миколаев.
Во бомбардирањата и гранатирањата се оштетени 379 образовни установи, 159 од нив се целосно уништени. Најмногу од нив – 119 се во Доњецката област, потоа следуваат регионот Миколаев со 30, регионот Суми со 28, регионот Киев со 35, регионот Херсон со 21 и градот Киев со 24 уништени образовни објекти.
Конечните податоци допрва ќе се објавуваат бидејќи е невозможно да се направи увид на места каде во тек се интензивно воени дејствија, објавуваат украинските медиуми.
Повеќе од 2.500 жители на црноморскиот пристанишен град Мариупол се убиени од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, изјави денеска претседателскиот советник Олексиј Арестович во телевизиско интервју.
Тој рече дека се повикува на бројки од градската управа на Мариупол и ги обвини руските сили дека вчера спречиле хуманитарната помош да стигне до опколениот град.
Украина ќе се обиде да ги евакуира заробените цивили од опколените градови организирајќи за денеска „десет хуманитарни коридори“, вклучувајќи ги и местата во близина на Киев и во источниот регион Луганск, изјави вицепремиерката Ирина Верешчук.
-Повторно ќе се обидеме да го деблокираме движењето на хуманитарниот конвој со храна и лекови за (пристанишниот град Мариупол) од Бердјанск (во југоисточна Украина), рече Верешчук во видео пораката.