Во училиштето за глуви и наглуви предаваат наставници кои не го знаат знаковниот јазик


Да се најде системско решение за долгогодишниот проблем во наставата на знаковен јазик за учениците кои се глуви или имаат оштетен слух во единственото средно училиште во земјава за нивна едукација „Партениј Зографски“ во Скопје – укажува Народниот правобранител кој денеска доставил препораки до Министерството за образование и наука. Главната меѓу нив е за вработување во училиштето да биде обврзно познавањето на знаковниот јазик на солидно ниво што ќе овозможи разбирливи предавања за учениците.

Според анкета што меѓу 20 глуви и наглуви ученици и 19 вработени наставници во училиштето ја спровела канцеларијата на Омбудсманот минатиот месец, констатирано е дека има наставници и со повеќегодишно работно искуство кои имаат почетно ниво (од вкупно шест нивоа од која се состои обуката) на познавање на знаковниот јазик, што е доволно за основна, но не и за сигурна интеракција, како и наставници кои воопшто не го познаваат за да комуницираат со учениците бидејќи тоа не е задолжителен критериум за вработување. За квалитетна комуникација и поучување на учениците, наставникот треба да има минимум четврто ниво кое минатата учебна година го имале девет наставници. Ниту еден од вработените нема завршено шесто ниво на обука на знаковен јазик.

Соопштувајќи ги наодите од спроведената анкета денеска на прес-конференција, заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа рече дека вработените на сопствена или иницијатива на раководството, посетуваат бесплатни обуки за изучување на знаковен јазик. Лиценциран обучувач на знаковен јазик е Национален сојуз за глуви и наглуви на Република Северна Македонија.

Анкетираните глуви и со оштетен слух ученици информирале дека најголем дел од наставниот кадар наставата ја реализира вербално, со пишување на табла или со споделување печатени наставни материјали, кои често не им се доволно јасни. Се изјасниле дека за нив тоа е сериозна пречка не само во наставата, туку и во секојдневната комуникација. Кога се испрашувани, учениците одговараат со помош на соученик кој е наглув и кој добро го знае знаковниот јазик и има улога на толкувач.

Учениците споделиле дека проценката на нивното знаење е нереална зашто „оценувањето е како лотарија“.

-Особено загрижувачки се изјавите на учениците дека оценувањето на нивното знаење не се базира на реална проценка на стекнатите знаења од наставниот процес. Како што самите наведоа, не добиваат квалитетно образование и се сериозно загрижени за својата иднина, бидејќи сметаат дека имаат недоволно стекнати знаења за да го продолжат образованието на факултет или да остварат вработување, што им создава чувство на нееднаквост и обесправеност, истакна Бајрамовска-Мустафа укажувајќи на одредбите во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост што нашата држава ја има ратификувано.

 

Поради ваквата состојба, НП и партнерските организации ја изготвиле Информацијата со препораки упатени до МОН за унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес кој овие ученици.

Покрај системско решавање на проблемот со вработување компетентен кадар, се препорачува и обезбедување континуирани обуки на вработените за употреба на знаковниот јазик, обезбедување сертифицирани толкувачи да се вклучат во наставата за која во моментов нема соодветен кадар, модернизирање на наставата со современа технологија, како и уредување на прашањето за инклузијата на учениците со попречености во новиот закон за средно образование.

Марија Башеска-Стојановска, претседателка на Асоцијацијата на толкувачи на македонски знаковен јазик „Гласни раце“ и толкувач на знаковен јазик во медиумите, рече дека проблемот со наставата на овие ученици по инерција се наследува низ годините и оти учениците апелираат дека е неминовна надградбата на кадарот кој работи во училиште што ги третира учениците со оштетување на слухот и на говорот.

-За жал, кај нас тие долго време се ставени на листа на чекање за нужни промени. Алармантно е за да се оглушуваме, пораката е јасна – час побрзо треба да се изнајдат начини. Бидејќи не може само со покажување и пишување тотално глуво лице, кое не слуша и не зборува, правилно и квалитетно да ја прими наставата… Глувите лица сакаат да одат во високото образование и најчесто се обесхрабрени зашто излегуваат со мал фонд на знаење. Иако поединци ни покажаа дека можат да бидат високообразовани луѓе, рече Башеска-Стојановска.

На знаковен јазик на прес-конференцијата се обрати и Стефан Ѓиков од Младинското здружение на лица со оштетен слух „Млад знак“ кој ја поздрави иницијативата на Народниот правобранител.

-Да се зголеми фондот на знаење на знаковен јазик за сите наставници, без разлика во кое училиште работат, на образовните асистенти и на родителите чии деца се глуви за да можат да воспостават комуникација со нив, рече Ѓиков.

 

Во ДУЦОР „Партенија Зографски“-Скопје во оваа учебна година се образуваат 45 ученици – шест повеќе од минатата учебна година. Од нив, 20 ученици се со оштетен слух (глуви и наглуви) кои имаат потреба од исклучиво користење на знаковен јазик во комуникацијата, кој за нив е мајчин јазик. Останатите ученици во училиштето имаат друг вид попречености.