Во три основни училишта во Центар имало дојави за бомби


Попладнево по електронски пат повторно има дојава за бомба во три училишта во Општина Центар, објави градоначалникот Горан Герасимовски на Фејсбук.

Станува збор за училиштата „Ј. Х. Песталоци“, „Гоце Делчев“ и „Коле Неделковски“.

Случајот е пријавен во полиција по што полициски службеници веднаш ги евакуирале затекнатите ученици и присутни.

По проверка во училиштата од страна на службениците констатирано е дека станува збор за лажна дојава.

– Повикувам на смиреност се до расчистување на серијата дојави кои предизвикуваат немир кај родителите, децата и вработените во училиштата не само во скопските општини туку и ширум државата – пишува Герасимовски.