Во ТИРЗ Кичево поставен камен-темелник на белгиска инвестиција вредна 40 милиони евра


Во ТИРЗ Кичево денеска стартуваше изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ каде во првата фаза ќе бидат инвестирани 10 милиони евра и ќе се отворат 120 до 200 вработувања.

Александар Голабоски, извршен директор на Авеста Скопје, најави извоз од 50 милони евра во првата година од инвестицијата која вели ќе достигне 40 милиони евра, а бројот на вработени 600. 

– Се надеваме дека објектот би бил готов наредната година. Извозот во првата година согласно бизнис планот би бил околу 50 милиони евра, а во пикот на работењето на фабриката за седум-осум години очекуваме да се зголеми десеткратно, изјави Голабоски.  

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека стартот на инвестицијата е доказ дека со заедничка работа може да се направи многу. 

– Почнува убава инвестиција за овој дел на Македонија, за Кичево. Очекуваме максималниот број на вработени во одреден момент да достигне 600, зошто да не и повеќе, а извозот до половина милијарда евра за шест до седум години.  Ова се само докази дека заеднички може да се прави многу.  Директорот на ТИРЗ и инвеститорот направија многу за да  заживее проектот, помина и на владина седница. Се ова е потребно да се сработи заеднички за да стасаме до оваа состојба денес и убеден сум дека инвеститорот нема да застане тука и оти ќе следи продолжување на инвестицискиот циклус, изјави Мицкоски.

Најави дека ќе бидат објавени и други инвестиции  во наредниот период и ги повтори очекувањата за милијарда евра инвестиции до крајот на годината.

– Со тоа ќе бидеме најдобри по глава на жител на Балканот и се враќаме повторно но сигурно на мапата на инвеститорите, иако досега седум години бевме заборавени, рече Мицкоски.