Во Тетово само 14 ученици учат по програмата „Учи паметно, работи стручно“


Социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“ што ги опфати сите региони, има за цел да го унапреди средното стручно образование, да го зајакне дуалното образование, да продуцира стручни профили согласно потребите на пазарот на труд и да ја зголеми вработливоста на младите, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири по посетата на Тетово, каде се одржа последната средба за оваа година.

„Очекувам поголем број компании да се вклучат во дуалното образование и кај нив, во реални производствени услови, да се изведува практичната работа на учениците. Тоа значи и можност за запишување поголем број ученици и за изучување повеќе стручни профили. Секаде на локално ниво, претставниците на Министерството за образование и наука, директорите на стручните училишта, градоначалниците, претставниците на компаниите, на стопанските комори и на проектот ‘Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е’, имаа плодни разговори. Следи дефинирање на уписната политката за учебната 2022/2023 согласно изразените потреби и можности“, посочи Шаќири.

Социјалниот дијалог, поддржан од Швајцарската амбасада, се одржува втора година по ред. Му претходеше анкета на компаниите за заинтересираноста за вклучување во процесот на стручно оспособување на средношколците. Од 400 анкетирани компании, над 90 отсто одговорија позитивно и изразија желба за прифаќање на ученици кои ќе учат низ работа.

Минатата година, социјалниот дијалог резултираше со отворење на нови 97 дуални паралелки низ целата земја, во кои образованието го продолжија 1.400 учениците, што претставува голем успех, ако се знае дека претходно во државата функционираа само 11 дуални паралелки. Од нив,  во Тетово е отворена само една паралелка за струката машински техничар, со 14 ученици, но, како што нагласи министерот,  тоа треба да биде поттик за зголемување на бројот на дуални паралелки и на ученици.

„Очекувам од есен, во средните стручни училишта да има многу повеќе ученици, бидејќи деветооделенците и нивните родители се повеќе ја гледаат важноста на овој тип на едукација. Кога младите луѓе имаат теоретска настава во училиште а учење низ работа во компаниите, тогаш можат да стекнуваат знаења, вештини, способности и компетенции кои им се предност при вработување веднаш по завршувањето на средното образование, но исто така и добра основа за продолжување на образованието на техничките факултети“, укажа Шаќири.

Како дополнителен стимул за насочување кон дуално образование, МОН од оваа учебна година воведе стипендии во висина од 3.500 денари, и таа пракса ќе продолжи и следната учебна година.