Во Струмица се делат канти за селектирање отпад


 Општина Струмица во соработка со ЈПКД „Комуналец“, во рамки на проектот „Еко паметни општини“, денеска почна со делење втора канта на домаќинствата за селекција на отпад.

Со доделување на 1.200 канти денеска беше опфатена населбата Карпош и сите улици на потегот од улицата „Браќа Миладинови“ до улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“, како и од Булевар „Климент Охридски“ до Булеварот „Маршал Тито“.

– Со оваа акција и официјално се почнува со селектирањето отпад во Струмица, кое во наредниот период постепено ќе се прошири и на целата територија на Општината. Се надеваме на поголема еколошка свест кај граѓаните што е од најголема важност за успехот на овој проект со кој ќе се обезбеди поквалитетно управување со отпадот и, пред сè, поздрава и почиста животна средина, информираа од струмичкото комунално претпријатие.

Кантите кои се обележани со лепенка за рециклирање се обезбедени од ЈПКД „Комуналец“ и Општина Струмица и ќе се делат бесплатно, а комуналното претпријатие со посебно возило ќе го подига овој вид отпад секоја среда.

Од „Комуналец“ напоменуваат дека новите канти служат само за одлагање на пластични шишиња (ПЕТ амбалажа) и лименки.