Во среда конечна одлука за штрајк на синдикатот на „Водовод и канализација“


Фото: Б. Грданоски

Синдикалната организација на СУТКОЗ при „Водовод и канализација“ донесе одлука за користење на правото на штрајк.

Од Сојузот на синдикати на Македонија, информираат дека одлуката е донесена едногласно на вчерашната седница, а се очекува да биде потврдена во среда на највисокиот орган на Синдикатот СУТКОЗ.

Потоа ќе биде известено Министерството за труд и социјална политика за веднаш да определи помирувач. Ќе биде известен и в.д. директорот и Управниот одбор на „Водовод и канализација“, како и градоначалничката Данела Арсовска и советничките групи во град Скопје, информираа од Синдикатот.

-На вчерашната седница, синдикалците известија за големите притисоци кои се вршат врз вработените и членовите на органите на синдикалната организација кои раководството на чело со в.д директорот Митовски ги прави, а како последна информација за која се загрижени вработените е дека в.д директорот Митовски подготвува нови дисциплински постапки против повеќе од 40 работници членови на синдикатот во кој дел се и претседателот на синдикатот во ЈП Водовод и канализација, Кашиковски – се наведува во денешното соопштение од Синдикатот.

Оттаму за утре најавуваат прес-конференција пред седиштето на Град Скопје на која ќе биде презентиран документ од специјалист-невроприхијатар за в.д. директорот на „Водовод и канализација“, посочија од Синдикатот.

– Ако градоначалничката Арсовска не реагира на сите докази за незаконското работење на Митовски, пресудите за сторени сериозни кривични дела со затворски казни, Извештајот од специјалист – неуропсихијатар за сериозното нарушено ментално здравје на лицето в.д директор на ЈП Водовод и канализација Скопје, ние како работници ќе побараме итна седница на Советот на Град Скопје уште во среда како и помош од сите надлежни институции во државата со една цел да се обезбеди заштита и здрави и безбедни услови за работа на работниците кои во овој момент во претпријатието никој не може да ги гарантира, но и нормално и непречено функционирање на претпријатието – стои во соопштението.