Во Србија горат повеќе од 3.500 хектари, руски „Иљушин“ се вклучи во гаснењето
Белград – Руски противпожарен авион Иљушин Ил-76 денеска се вклучи во гаснење голем пожар во природниот резерват Делиблатско песочиште во Србија, каде што досега изгореа повеќе од 3.500 хектари шума и вегетација.
Иљушин слета во Ниш синоќа, а денеска се вкчучи во гаснењето во координација со хеликоптерската единица на српското МВР. Може да исфрли до 42 тони вода во еден прелет.
Пожарот во Делиблатско песочиште, еден од најважните природни резервати во Србија, гори повеќе од две недели и е најголем во изминатите три децении. Хеликоптери на српското МВР и армијата, пожарникари и локални служби се вклучени во гаснењето на пожарот. Ситуацијата е дополнително влошена од силната суша, непристапниот песочен терен и ветерот што често ја менува насоката.
Проблем е и подземното согорување на хумус, што предизвикува пожарот повторно да се активира на места каде што се чини дека е изгаснат.
Според официјалните проценки, пожарот зафатил повеќе од 3.500 хектари од вкупно околу 35.000 хектари. Еден од најголемите пожари таму избувна во 1996 година, кога огнот зафати речиси 7.000 хектари.