Во Собранието се дискутираше за Извештајот на Европската комисија за Македонија

Во Собранието во рамки на денешната 22. седница се дискутираше по Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2024 година. Гласањето на Извештајот ќе биде дополнително закажано, кога ќе бидат исполнети условите.
Според пратениците на опозицијата сите оценки во рамките на Извештајот укажуваат на умерен напредок на државата, додека, пак, за власта се јасен сигнал за заедничкиот консензус во македонското општество за важноста да останеме доследни на евроинтеграцискиот процес.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска истакна дека како клучно го нотира ставот на Европската комисија дека Македонија останува целосно усогласена со заедничката надворешна политика на ЕУ.
-Ако го погледнете монотехнички содржи 120 генерални заклучоци и препораки. Во рамки на годишниот пакет за проширување за 2024 година кој го вклучува Извештајот за напредокот на Македонија е сублимиран периодот на транзицијата од поранешната кон актуелната власт. Конкретно извештајот го опфаќа периодот од 15 јуни 2023 година до 1 септември 2024 година и истиот дава пресек на напредокот на земјата во спроведувањето на реформите, како и детален преглед за подготвеноста и напредокот во споредба со претходниот извештај. Во услови кога Европа се соочува со војна на европско тло, заложбите да се остане доследен на патот кон Брисел се јасен сигнал за заедничкиот консензус во македонското општество за важноста да останеме доследни на евроинтеграцискиот процес. Во таа смисла, ценам дека Извештајот на ЕК треба да се анализира и во контексти на другите добиени извештаи од минатата година, како што скрининг извештаите од кластерите, усвоената Реформска агенда, патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, како и другите документи. Особено е важно да се каже дека во фокусот на овој Извештај се правото, правдата и борбата против корупцијата. Во него јасно е наведено дека треба да се зајакнат довербата во правосудниот систем, а особено е акцентирано тоа дека високо профилираните судски спорови мора да имаат епилог, рече таа.
Василевска потенцира дека Европската комисија нотира дека има извесен напредок во однос на борбата против организираниот криминал, како и ограничен напредок во судството во споредба со Извештајот за напредок од 2023 година.
-Интересно е да се забележи дека според Извештајот, довербата во правосудниот систем треба да биде засилена, потребна е имплементација на новата Стратегија за реформи во правосудниот сектор, како што е и спроведувањето на препораките на Оценската мисија за Судскиот совет. Во Извештајот се нотира дека корупцијата треба да се решава преку следење на случаите во судството и обвинителствата. Во поглед на борбата против корупцијата, Европската комисија не гледа напредок. Но, исто така забележува дека има позитивни елементи по делот на земјоделието, руралниот развој, риболовот и регионалните политики, рече таа.
Василевска нагласи дека во однос на останатите земји кандидатки од регионот, нашето ниво на подготвеност е се уште највисоко, што, како што рече, е уште еден показател дека Македонија не само што е подготвена за пристапните преговори, туку има и напредок.
-Според оценката по кластери, има подобрување во кластерот 1 во споредба со 2023 година. Во поглед на образованието и културата, Извештајот наведува дека Македонија е умерено подготвена. Во Извештајот е наведено дека јавната потрошувачка за образование и обука, благо се намалила на 3,71 процент во 2022 година, 3,98 во 2021 година, што се уште е далеку под просекот на ЕУ кој изнесува 5 процентот. Со буџетот од 2025 година предвидовме буџет од 38 милијарди денари, со што започна процесот на забрзување на развојниот процес во образовната сфера. Според Извештајот е оценето дека државата активно се вклучила во регионалната димензија на Планот за раст за Западен Балкан. Генералната оценка е дека Македонија одржува добра соработка и билатерални односи со другите земјите од проширувањето и соседните земји членки на ЕУ, рече пратеничката Василевска.
Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески нагласи дека сите оцени во рамките на овој Извештај укажуваат на умерен напредок на државата со точно дефинирани препораки за потребни клучни реформи особено во деловите кои се однесуваат на реформи на јавната администрација, правосудството и борбата против корупцијата.
-Извештајот на Европската комисија е реална слика за напредокот на државите во процесот на пристапување кон Европската унија и секогаш власта го презентира како чашата да е полуполна, а опозицијата дека е полупразна. Јас ќе се обидам да бидам максимално објективен, без пренагласени критики, но со реално факти. Новиот извештај на ЕК за напредокот на Република Македонија покажува дека земјата останува умерено подготвена, со мали подобрувања во три поглавја, но и напредок само во три подглавја, додека во останатите се забележува стагнација. Овој извештај содржи две методолошки новини – првата новина се главни наоди во кое се содржани основните оцени, односно напредокот и усогласеноста, статусот на исполнетост на ланските препораки и новите препораки. Додека, втората новина е користење на графикони и визуелизација на дел од податоците заради поголема прегледност и споредбеност од Унијата и земјите-членки. Се земал во предвид и фактот што извештајниот период опфаќа функционирање на три влади – две политички и една техничка влада. И во оваа насока сакам да потенцирам нотираниот факт за меѓупартиска соработка и усогласеност за донесување на новиот Деловник на Собранието како резултат на Жан Моне Процесот, рече тој.
Трајчулески потенцира дека во делот на правосудството и владеењето на правото, нотирано е дека се потребни реални промени за поголема транспарентност, отчетност и независност на судството. Во однос на борбата против корупцијата, посочи тој, наведено е дека земјата стагнира во овој дел и дека е потребно донесување на нов кривичен законик кој ќе биде усогласен со европските стандарди со цел поефикасна борба со корупцијата. Додека, во однос на јавната администрација, нагласи тој, се наведува дека политичката поларизација и бавните реформи на јавната администрација се пречка за ефикасното владеење. Се препорачува поголема транспарентност, намалување на политичкото влијание и поголема отчетност.
На почетокот на продолжувањето на седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески реагираше за барањето пауза од пратеникот на Левица Сашко Јанчев поради тоа што не добиле одговор од генералниот секретар и службите на Собранието за доставеното барање на пратеничката Јована Мојсоска во јануари за исплатените патни трошоци и кирии за 2024 за сите пратеници. Мицески нагласи дека веќе им е одговорено на пратениците на Левица и како што потенцира доколку не се задоволни од одговорот да се обратат до оние до кои што е испратено.
-Ви било одговорено, а дали сте задоволни од одговорот ќе си разговарате со службите во Собранието и со оние до кои што е испратено. Колку што знам, имате испратено барање за информации од јавен карактер коешто врз основа на закон ќе треба да добиете одговор и тоа е постапка која што вие си ја терате согласно закон. И продолжете да си ја терате. А да ја лажете македонската јавност дека не сакаат да ви бидат дадени информации за некои како што го имате крстено барање за обезбедување информации и врза основа на тоа барање секоја седница да барате по еден час пауза за да не може да почне седницата е најмалку од се враќање на политиканството во Собранието, односно барање тема на која ќе сакате да одговарате. Вакви барања за добивање и обезбедување информации и ние можеме да поднесеме на пример за купување на одредена политичка партија на 409 метри квадратни на четири спрата распространета во центарот на Скопје купена за 295 илјади евра или 720 евра од метар квадрат , а Град Скопје ги има проценето на 1.200 евра по квадрат. Ама ова не е тема и ова не сакате да го барате. Затоа јас сега ќе поднесам барање до вас како партија и јас на секое ваше барање ќе барам одговор кој вас ви дозволи и како ги купивте тие 720 евра метар квадратен во центарот на Скопје. Затоа ќе треба да одговорите. И дозволете пратениците да продолжат со работа, рече Мицески.
Јанчев нагласи дека процедуралното се однесува на оној кој е надлежен да внимава дали се спроведуваат барањата во Собранието, а тоа е претседателот на Собранието.
-Затоа Деловникот предвидува кога ќе земате процедурално да ја наведете одредбата која што е прекршена како што јас тоа јас редовно го правам. На барањето три месеци не е одговорено. На нас како пратеници три месеци не ни е одговорено. Затоа поднесовме барање врз основа на Закон за барање информации од јавен карактер. Ние одговорено како граѓанин, а не како пратеник. Службите и генералниот секретар се должни да одговараат на пратениците за пратеникот да може да ја врши својата пратеничка функција. Друг пат кога ќе земат реплика на процедурално, барам да ги прекинете и уредно да земаат процедурално како што јас си земам уредно со наведување на основот по кој што го земат и членовите, рече Јанчев.
Во рамки на 49. седница на понатамошна собраниска процедура, односно второ читање беше проследен Предлог на законот за изменување на Законот за заштита од вознемирување на работно место.