Во скопска Автокоманда ќе им се зема на децата за да им се даде на возачите

Градоначалникот на Гази Баба планира дворот на училиштето „Стив Наумов“ да биде претворен во паркинг простор


Основното училиште „Стив Наумов“ во Скопје

 

За паркирање на автомобилите мора да има место, дворовите на училиштата може и да се намалат. А и да ги нема. Децата и не мора да играат и да се дружат кога се на училиште.

За оваа парадоксална ситуација пишува „Слободен печат“ објавувајќи дека во скопската населба Автокоманда, општина Гази Баба, во план е во дворот на основното училиште „Стив Наумов“ да се прави јавен паркинг.

Ситуацијата и во Автокоманда стана иста како и во другите скопски населби – место за паркирање нема. Сега речиси и да нема семејство без две возила, а некои се со три, додека не престанува жалењето дека се нема пари, расте сиромаштијата, економијата потклекнува. Возачите и во Автокоманда се жалат дека вртат кругови со автомобилите во потрага по слободно место.

Сега општината планира да им стави крај на овие возачки „страдања“ со тоа што ќе го направи дворот на училиштето „Стив Наумов“ во паркинг, па децата нека вртат околу автомобилите додека одат на настава. Според оваа логика поважно е да бидат задоволни возрасните отколку децата да имаат слободен простор.

Зачудувачки е што жителите на Автокоманда молчат на социјалните мрежи за тоа што треба да се заграби простор од секојдневието на децата. Важно е да се има место за паркирање. Нема одговор на прашањето дали раководството на училиштето и родителите на децата што учат во „Стив Наумов“ се согласуваат со идејата на градоначалникот Бобан Стефковски.

Тој вчера објави на Фејсбук дека на состанок во општината се разгледувале локации каде можат да се обезбедат нови паркинг места, а меѓу нив и во училиштето. Навистина ингениозно. (Н.В.)