Во Скопје од 7 март до почетокот на април ќе се слави Месецот на Франкофонијата
Македонската кинематографија ќе ја претставува „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, што ќе се прикаже на 27 март во Кинотеката

Со разнолика филмска програма, концерти и изложби во Скопје од 7 март до 8 април, а на 17 април и во Битола ќе се слави Месецот на Франкофонијата. Македонија е полноправна членка на оваа Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006, а во неа се обединети 93 земји.
Со гала филмска вечер и проекцијата на францускиот филмски хит „Грофот од Монте Кристо“ во киното Синеплекс, на 7 март се отвора Месецот на Франкофонијата во Скопје. Филмот е во режија на Alexandre de La Patellière и Matthieu Delaporte, снимен во 2024 година.Станува збор за адаптација на истоимениот роман на Александар Дима. Нејзиниот продуцент Димитри Расам стои зад адаптацијата на уште еден познат роман на Дима со диптихот Тројцата мускетари: Д’Артањан и Тројцата мускетари: Миледи (2023).
Програмата за март како месец на Франкофонијата е подготвена од Францускиот институт во Скопје, во соработка со амбасадите на земји членки на Франкофонијата, со УКИМ и Филолошкиот факултет. Во соработка со Собранието на РСМ по трет пат ќе се одржи Младиот франкофонски парламент, а меѓу предвидените содржини е и Изложбата на француската колекција во МСУ, во април.
Културната програма и другите активности за одбележување на Франфонијата кои што ќе се одвиваат во текот месец март и на почетокот на април 2025 година говореа амбасадорите на Франција Кристоф Ле Риголер, на Швајцарија Вероник Улман, на Романија Моника Аксинте и на Грција Софија Филипиду.
Амбасадорот Ле Риголер истакна дека Франкофонијата е заеднички јазичен простор, но и простор на вредности. Повеќе од 300 милиони луѓе во светот го говорат францускиот јазик.
-Промовирањето на францускиот јазик е навистина главна алка во надворешната политика на Франција, затоа во светот имаме голем број на француски културни институти. Во земјава тој постои 50 години…Сакаме да ја истакнеме едукативната соработка, да ги охрабриме учениците да го изучуваат францускиот јазик како втор јазик. Затоа што францускиот јазик не е само јазик на културата, тоа е јазик на иднината, на иновации, на претприемништо. На тоа беше и ставен и акцентот на недоамнешниот Самит на Франкофонијата во Франција, минатиот октомври, рече амбасадорот.
Тој нагласи дека Франкофонијата особено става фокус и на заштита на нејзините вредности, како и на заштитата на човековите права.
-Франкофонијата е и збир на вредности, а не само јазик кој заеднички го споделуваме. Вредности за човековите права, правната држава културната разноликост. Во свет каде голем број чинители ги доведуваат во прашање вредности на кои почива нашиот свет и меѓународната сцена, важно е да постетиме дека имаме заеднички вредности, кои треба уште повеќе да ги унапредуваме, рече францускиот амбасдадор упатувајќи повик до властите во земјава да бидат уште поактивни во рамки на Меѓународната организација на Франкофонијата.
Швајцарската амбасадорка Вероник Улман посочи дека во нејзината држава францускиотт заедно со германскиот и италијанскиот јазик се трите официјални јазици кои ја симболизираат повеќејазичноста и културната разноликост и сите се третираат подеднакво. Таа најави дека во рамки на месецот на Франкофонијата тие ќе учествуваат во активностите со училиштата, а ќе биде прикажан и филмот „Куче на суд“ сатира за правата на животните, за домашните миленици.
Романската амбасадорка Моника Аксинте истакна дека Романија е шампион во однос на Франкофонијата .
-Многу сме горди што сме франкофони, иако францускиот не е официјален јазик во Романија. За нас Франкофонијта е синонимен на јазичната разноликост, отвореност кон светот, кон јазичното и културно богатство. Романија е навистина шампион во однос на Франкофија во регионот на централна и источна Европа, кажа Аксинте и се осврна на институционалните активности во нејзината земја во однос на Франкофонијата
Амбасадорката на Грција Софија Филипиду истакна дека тие учествуваат во активностите на месецот на Франкофонијата со особен ентузијазам. Избрале три текстови за кои учениците ќе се оценуваат во извонредност во читање од три грчки автори, а ќе биде прикажан и француско – грчкиот филм „Ривиера“ кој на 21 март ќе ја отвори Неделата на франкофонскиот филм во Кинотеката.
На настанот присуствуваа и се обратија претставници на земјите-членки на Франкофонијата кои даваат свој удел во програмата: почесната конзулка на Белгија, почесната козулка на Канада и првиот секретар во Амбасадата на Бугарија.