Во сите основни училишта во Ѓорче Петров и во Гази Баба има дојава за бомба


Дојави за бомби денеска има и во сите основни училишта во Ѓорче Петров.

Градоначалникот Стојкоски на својот фејсбук профил објави дека се спроведени протоколите за евакуација на учениците и цел образовен кадар.

„Во сите општински основни училишта во Ѓорче Петров има пристигнато дојави за поставени бомби. Спроведени се протоколите за евакуација на учениците и цел образовен кадар. Сите во моментов се наоѓаат на безбедни локации. Очекувам експресна реакција од надлежните служби за јавен ред и мир и безбедност и истовремено најостро го осудувам овој чин. Апелирам што поскоро надлежните институции да преземат итни чекори.Оваа појава мора веднаш да се искорени. И децата и родителите се вознемирени, а дојавите за бомби, за жал, ни станаа секојдневие”, напиша Стојкоски.

За Гази Баба

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски во објава на својата официјална страна на Фејсбук информира дека се пристигнати дојави за бомби во сите 11 училишта на територија на општина Гази Баба.

„Во овој момент ме информираа дека во сите 11 општински основни училишта на територија на општина Гази Баба има пристигнато дојави за поставени бомби.
Од страна на директорите на училиштата веднаш се спроведени протоколите за евакуација на учениците и сите дечиња во овој момент се надвор од училишните згради и се на безбедно.

За пристигнатите дојави е пријавено во надлежните институции и се очекува да започнат проверките на терен.
Изразувам најостра осуда кон креаторите на ваквите појави. Ова е недозволиво!

Апелирам и барам, надлежните институции да превземат итни и неодложни чекори и мерки со цел оваа појава час поскоро да запре. Недозволиво е вакви појави веќе подолг период да ги вознемируваат учениците и родителите“ – напиша Стефковски на ФБ.