Во синоќешното невреме поплавени селата Ласкарци и Буковиќ, Скопско


По силниот пороен дожд што го зафати градот Скопје во ноќните часови во селото Ласкарци и селото Буковиќ, во Општина Сарај поројната вода навлегла во поголем број куќи, подрумски простори и на повеќе улици, известуваат од центарот за управување со кризи.

„На терен беше БППЗ на Град Скопје со три пожарникари и едно противпожарно возило, при што интервенирале на најзагрозените реони. Во утринските часови контактирано е со ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, и од нив е добиена информација дека во текот на денешниот ден ќе излезат на терен за расчистување на улиците од кал и за испумпување на водата од куќите. За настанатата состојба беше известена Општина Сарај за понатамошна постапка“, се истакнува во информацијата.

Од таму додаваат дека според најавите на УХМР за денеска, иако времето од утрово е сончево со мала до умерена облачност, од пладневните часови на повеќе места во државата времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град.