Во Штип марш против насилството врз девојките и жените, се бара насилниците да се гонат по службена должност
Се зголемува свесноста кај девојчињата и жените за пријавување на насилство, но податоците покажуваат дека и се зголемува насилството врз нив од страна на партнерите, посочува Бети Пеева од Здружението „ЕХО“. Членовите на ова здружение, како и на „Гласен Текстилец“ денеска заедно со вработените во Општина Штип беа дел од маршот низ штипските улици против семејсното насилство и дел од кампањата 16 дена активизам за борба против насислтвото врз жените.
Пеева вели ако годишно имаат над 200 случаи пријавено на семејно насилство во нивните канцеларии во Штип, Струмица и Прилеп околу 70 % од жртвите ги запираат постапките за гонење на насилниците. Бараат промена во Кривичниот законик, за насилниците да се гонат по службена должност.
-Треба целата заедница да се активира и да може сите заедно да делуваме против насилството врз девојките и жените, посебно и поради трагичниот случај кој се случи пред еден месеца, односно се случи фемицид во Општина Штип, затоа е и неопходно сите заедно да делуваме, посебно она што сме го забележале е и дека жените се откажуваат од кривичното гонење и покрај покренати постапки, вели Пеева.
Таа посочи дека ова се должи веројатно на влошената економска состојба на жените. Според неа државата што може дополнително да направи е да го премени Кривичниот законик, а претходно овие дела беа криминализирани.
-Меѓутоа се уште во член 130 што се однесува на телесна повреда и нарушување на здравјето се гони по предлог на жртвата и ова е огромен проблем. Сметаме дека сите треба да се заложиме за законски измени, со цел да не се откажуваат жртвите во постапките, затоа што сега тоа го прават под притисок на насилниците и на блиските, како и заради екононмската зависност, вели Пеева.
Доколку жртвата се откажа од постапката против насилникот, каков што беше и случајот на фемицид во Штип пред еден месец надлежните институции не можат да продолжат со кривичното гонење на насилникот, затоа се бараат и измените во Кривичниот законик, со кој насилникот ќе се гони по службената должност.
Снежана Санева од Општина Штип вели дека како општина секоја година се вклучуваат во оваа кампања, со цел сите да се спротистиват против насилството врз девојките и жените, како и сите институции да бидат координирани. Таа се заблагодари на граѓанските организации кои зедоа учество во организирањето на маршот.