Во Русија 59 отсто од луѓето ја поддржуваат инвазијата на Украина

Повеќето млади Руси не ја одобруваат војната, додека таа поддршка расте како што расте бројот на годините на испитаници


 

Истражувањето спроведено од тим од независни социолози и аналитичари покажа дека 59 отсто од испитаниците во Русија ја поддржуваат воената инвазија на Украина, додека 22 отсто се против војната, пишува денеска „Демостат“.

Во исто време, 73 отсто од оние кои ја поддржуваат руската инвазија на Украина „многу“ или „целосно“ им веруваат на официјални руски извори.

Главната емоција што ја чувствуваат корисниците на социјалните мрежи во Русија, без разлика дали се за или против војната, е „емпатијата кон Украинците“ (30,4 отсто од испитаниците).

Од друга страна, само 2,4 отсто од корисниците на социјалните мрежи изјавиле дека се критични или чувствуваат презир кон Украинците.

Истражувачите откриле и дека повеќето млади Руси не ја одобруваат војната, додека таа поддршка расте како што расте бројот на годините на испитаници.

Добиени се следните резултати: во возрасната категорија која вклучува испитаници меѓу 18 и 29 години 40 отсто се против војната, во категоријата меѓу 30 и 41 година, 30 отсто се против војната, во категоријата меѓу 42 и 53 години, 18 отсто, во категоријата меѓу 54 и 65, 14 отсто од нив, додека 11 отсто од испитаниците постари од 66 години се против војната.

Според истражувањето, Русите, всушност, се плашат од војна, а повеќето од нив не ги сметаат Украинците за непријатели и веруваат дека „она што го прави руската армија е да му пружи пријателска рака на братскиот народ“.

Истражувањето на група независни експерти е спроведено во периодот од 24 февруари до 4 март, со помош на телефонски анкети, и анализа на голем број „отворени“ извори, вклучително и социјалните медиуми, пренесува „Демостат“.