Во руралните средини нема матични гинеколози и педијатри


Во руралните средини нема ординации ниту со матични гинеколози, ниту со матични педијатри, а матични лекари има само во големите села. Жените и децата мораат да патуваат со километри за да посетат матичен лекар во услови на лоша патна инфраструктура и немање на редовен јавен превоз, а само нешто повеќе од половина од жените Ромки имаат избрано матичен гинеколог, пред се поради тоа што немаат матичен гинеколог во својата општина, како и поради наплаќањето на услугите од страна на матичните гинеколози, покажува анкетното истражување на Здружението ЕСЕ, спроведено во руралните заедници и ромските средини во периодот септември-ноември 2022 година.

Координаторот на проектот, Борјан Павловски рече дека дополнително во руралните средини отсуствува соодветна здравствена едукација поврзана со овие теми.

– Поради тоа 32 проценти од жените од рурални средини не посетуваат гинеколог дури ни кога имаат потреба од тоа, додека 20,3 проценти од жените не можат финансиски да си ги дозволат гинеколошките прегледи. Ова се должи и на појавата дел од матичните гинеколози да наплаќаат за здравствени услуги кои треба да се бесплатни за жените, согласно регулативата на Фондот за здравство, истакна Павловски.

Според истражувањето, жените од руралните средини во многу мал процент се опфатени со Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, односно во периодот од 2018 до 2021 година само 26 проценти од нив биле опфатени со оваа Програма.

Во истражувањето се наведува дека жените од руралните и ромските средини не се запознаени со новините за закажување на преглед со ПАП тест преку интернет страната skrining.mk, а над 60 отсто од жените од руралните средини немаат соодветни можности за закажат преглед преку дигитална платформа.

Само 12 проценти од жените од рурални средини биле опфатени со Програмата за скрининг на рак на дојка од 2015 до денес. Се бележат бариери и во пристапот до здравствена заштита за време на бременоста, па така 8 отсто од овие жени бременоста ја поминуваат без ниту една здравствена контрола, додека кај 25 проценти за време на бременостите не е направен ЕХО преглед. Само 35 отсто од жените се посетени од патронажни сестри за време на бременоста.

Во однос на ромските средини, според истражувањето, жените и децата исто така се соочуваат со бариери од тоа што во близина на нивните заедници нема доволен број на здравствен кадар, како и од сиромаштијата во која што живеат, а воедно недостасува и здравствена едукација на овие теми.

– Само нешто повеќе од половина од жените Ромки имаат избрано матичен гинеколог, пред се поради тоа што немаат матичен гинеколог во својата општина, како и поради наплаќањето на услугите од страна на матичните гинеколози. Услугите треба да се бесплатни според регулативата на Фондот. Сиромаштијата во којашто живее голем дел од ромското население им оневозможува да платат за овие услуги, а овие наплаќања се и незаконски, истакна Павловски.

Според него, наплаќањето од страна на матичните гинеколози претставува сериозна бариера во пристапот за ранливите групи на жени затоа што, според изјавата на една жена којашто ја пренесе, еднаш гинекологот ми наплаќа 200 денари, еднаш 500, еднаш 1500 денари.

– Јас немам високи примања, како да одам на гинеколог кога не знам колку ќе ми наплати и дали ќе имам пари да му платам, изјави жена Ромка од Шуто Оризари, рече тој.

Поради овие причини и 35 проценти од жените Ромки не одат на гинеколошки преглед, дури и кога имаат потреба од тоа, додека 40 од нив не можат финансиски да си ги дозволат овие услуги. Само 12 проценти од жените Ромки се опфатени со Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката на Министерството за здравство во периодот од 2018 до 2021 година.

Во однос на здравствената заштита за време на бременоста, нотирано е дека 8,3 отсто од жените Ромки ја минуваат бременоста без ниту една здравствена контрола, додека кај 20 проценти не е направен ниту еден ЕХО преглед.

Само околу една третина од жените Ромки се посетени од патронажна сестра по породувањето, при што состојбата е најнеповолна во Општината Шуто Оризари. Здравјето на новороденчињата/доенчињата кај една третина од децата Роми во првите шест месеци од животот го следи општ матичен лекар, поради недостиг од матични педијатри.

Прашан за податоци околу евентуалните случаи кои завршиле со фатален исход, Павловски информираше дека во земјава смртноста кај доенчињата до 2017 година била 12 починати новороденчиња на илјада живородени, што е три до четири пати повеќе од просекот во Европската Унија, а по превземени мерки, последниве години, стапката е спуштена на 5,9 починати на илјада живородени, стапка, која според него, постојано расте и паѓа низ годините.

Во однос на смртноста кај родилките, тој рече дека тоа е многу голем проблем затоа што во последните години официјалниот број на починати е нула, а од друга страна, како што рече, „сите сме сведоци на умрени родилки и бремени жени“.

Истражувањето во рурални средини е спроведено во периодот септември – ноември 2022 година во општините Кривогаштани, Долнени, Свети Николе, Куманово и Пехчево, а за  ромските средини е спроведено во периодот септември-ноември 2022 година о општините Шуто Оризари, Куманово, Делчево и Виница.