Во Прилеп отворена изложба на фотографии „Дома“


Во Ликовна галерија на прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“  синоќа беше отворена изложбата на фотографии и дигитални дела насловена „Дома” од прилепските уметници Александра Ацеска и Илија Ацески. 

Станува збор за поставка на фотографии и фотоманипулации, кои носат спој на две различни уметнички перцепции. 

-Илија Ацески е конкретен, прецизен и рационален. Ја застапува аристотеловата теорија дека објектот постои само во онаква форма каква што ја гледа набљудувачот. Спротивно на таа прагматичност, за Александра Ацеска, водата не е само вода, ниту пак планината е само планина. Таа во водата ја бара длабочината, а по планинските височини трага до врвот на мудроста.  Овде имаме спротивставеност на машката и женската енергија, на визијата на таткото и визијата на ќерката, на мудроста на искуството и на полетноста на младоста, на цврстината на коренот и на силата на крилјата. Добредојдовте „Дома“ – рече Филип Димкоски кој ја отвори изложбата. 

Академската уметница Александра Ацеска живее и работи во Кина и има повеќе самостојни и групни изложби, а Илија Ацески  долги години се занимава со фотографија.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.