Во Преспанскиот договор пишува дека – не може да се отповика


Врз основа на стриктните одредби Преспанскиот договор не предвидува процедура за негово поништување или за повлекување, па ни можност за промена на основните два члена

 

Блеф или незнаење – е дилемата околу најавите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица дека, кога ќе дојдат на власт, ќе се повлечат од Преспанскиот договор. Иако оваа закана е во основата на нивните предизборни ветувања, никој во меѓународната заедница сѐ уште не ги зема за сериозно и не се вознемирува, бидејќи според пропратните толкувања на Договорот – таква опција е невозможна.

Според документот до кој дојде „Независен“ , креаторите на Договорот и Обединетите нации направиле сѐ да се обезбеди дека неговата примена нема да зависи од политичката волја на разно-разни актери во двете држави, правејќи ги неговите одредби речиси цементирани.

Постои само една јасна и силно рестриктивна одредба околу можноста некоја од страните да се повлече, да го откаже, да го суспендира или да го прогласи за невалиден Преспанскиот договор, а тоа е членот 20 (9) кој ниту обезбедува услови, ниту процедура за таква одлука.  Во овој член стои дека одредбите од Договорот остануваат во сила  „перманентно (засекогаш) и се неотповикливи“. Не е дозволена никаква модификација или измена на Договорот во членот 1 (3) и 1(4), а рестриктивната природа на оваа одредба го потврдува фундаменталното политичко, безбедносно, меѓународно и домашно значење на овој историски Договор меѓу двете земји.

„Создаден е за да биде постојан без можност да се смени било што во клучните два члена  1(3) и 1(4)  без кои Договорот нема потреба воопшто да постои“, стои во овој документ до кој дојде „Независен“.  

Според толкувањето, врз основа на овие стриктни одредби Преспанскиот договор не предвидува процедура  за негово поништување или за повлекување, па ни можност за промена на основните два члена. Секоја намера да се направи тоа  мора да биде во согласност со Виенската конвенција за меѓународните закони од 1969 година, која пак предвидува посебни услови и посебна процедура, што се сведува на тоа дека без согласност на втората страна ,т.е. земја, Преспанскиот договор може да се поништи само на Меѓународниот суд за правдата,. Но, и за тоа мора да има специфична причина, како сериозно кршење на неговата примена од страна на Грција, значајна промена на условите (не на владите и расположенијата) или неможност да се исполни воопшто Договорот.

Според членот 65 на Виенската конвенција, кој ја регулира оваа материја, за да го откаже Преспанскиот договор владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе мора написмено да упати такво известување до Атина и, ако три месеци потоа нема реакција од грчката влада, постапката може да продолжи, но Македонија ќе треба да се врати на претходната состојба, што значи ако го снема Преспанскиот договор во ОН повторно ќе се врати привременото име за меѓународна употреба – Поранешна југословенска Република Македонија заедно со сите други спорови околу македонскиот јазик и идентитет.

Ако Грција, сепак, поднесе приговор на најавата за повлекување, двете земји ќе мора да бараат заедничко решение според Членот 33 на Повелбата на ОН, односно преку преговори, медијација или арбитража на меѓународен суд.

Фигуративно кажано, ако се повлече ваков потег Метју Нимиц пак ќе дојде, грчките барања може да се зголемат, позицијата на Грција ќе се засили со барањата и ветото на Бугарија, а Македонија пак ќе нема име за трајна меѓународна употреба. Поедноставно, ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе ни го вратат ПЈРМ во употреба а ќе направат огромна политичка и друга штета.

Според правното толкување на документот, до кое дојде „Независен“, секој обид за поништување на Преспанскиот договор што не е во согласност со неговите одредби (дека е постојан и не може да се отповика) и што е спротивно на условите на Виенската конвенција (договорено повлекување на двете земји) ќе предизвика сеизмични домашни и меѓународни последици – и политички, и легални, и безбедносни. Затоа, според толкувањето, целта на Членот 20 (9) на Преспанскиот договор  е јасна – да му обезбеди перманентна обврзувачка природа и да не дозволи да биде оспоруван, суспендиран или евентуално напуштен во зависност од политичките позиции на некои политички актери во Македонија и во Грција. Тоа го сфати Константин Мицотакис кога дојде на власта во Грција, сега е на ред да го сфати и  Христијан Мицкоски, иако простор да блефира на оваа тема и да собира поени ќе има и наредните сто години. (С.Ј.)