Во последните три години десетпати повеќе отпад на дивите депонии


Во текот нa денешниот ден, во скопската општина Чаир, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје расчистија две обемни диви депонии составени од мешан комунален, градежен и кабаст отпад, лоцирани во Топаана (кај Арена Петрол) и во близина на стадионот во општината Чаир.


„Денеска, во координација со општината Чаир, нашите екипи отстранија огромно количество неправилно одложен отпад на две локации во оваа скопска општина. Во оваа прилика би сакал да апелирам до жителите на градот Скопје својот отпад да не го одлагаат на јавни површини, затоа што секоја година бележиме драстично зголемување на количеството отпад од диви депонии што го расчистува ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, а во текот на изминатите три години бројките се зголемени дури за десет пати. Само со правилно и совесно одлагање на отпадот можеме да ја заштитиме животната околина и јавното здравје“, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ -Скопје, Абдусамед Шабани.