Во петок ќе биде отворен привремениот граничен премин Стрезимир – Рестилица

Привремениот граничен премин Стрезимир – Рестилица, на македонско-косовската граница, во петок, на 25 јули, ќе биде отворен за минување за граѓаните од двете земји.
– Граничниот премин помеѓу Република Косово и Република Северна Македонија е означен како „Стразимир“. Овој премин е од категорија Ц“, соопшти косовската полиција.
Се додава дека преминот е отворен за културни, научни, професионални, спортски или туристички активности и настани.
– Граничниот премин определен со оваа одлука е привремен граничен премин, отворен за патен сообраќај од 25.07.2025 до 25.09.2025 година, помеѓу 08:00 и 20:00 часот, посочуваат од косовската полиција.
Инаку, преминот е лоциран во местото Луково Поле, на тромеѓето Македонија-Албанија-Косово, поточно на заедничката гранична линија помеѓу Македонија и Република Косово.
Како привремен, овој премин официјално профункционира во август 2003 година и се користеше од март до октомври од 7 до 19 часот. Но, поради несоодветната патна инфраструктура, фреквенцијата беше минимална, по што беше целосно затворен.
Со залагање, на градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, преминот, кој е на територијата на оваа општина, во летниот период е отворен за патници и возила од 2018 година.
За преминување ќе важат истите правила како и на другите гранични премини, односно документ за идентификација, пасош или лична карта.
Од косовска страна изграден е нов асфалтен пат, додека од македонска најавено е отпочнување на изградба.