Во Париз судири помеѓу демонстрантите и полицијата
Неколку десетици илјади демонстранти маршираа меѓу плоштадот на Република и плоштадот на Бастилја денеска во Париз, изразувајќи незадоволство поради текстот на законот за „општа безбедност“ и неговата главна одредба, со што ќе се ограничи можноста за снимање на силите на редот. Протестите исто така се и против полициското насилство и расизмот, јави дописникот на МИА.
Според новинарите на лице место во Париз, додека известувачот на МИА учествуваше на мирната демонстрација во Нанси каде како и во многу други француски градови се маршираше на „Маршот за слободите“, насекаде атмосферата беше добра и мирна во текот на попладневните часови, каде демонстрантите маршираа бавно, на многу места како во Нанси силите на редот беа скоро невидливи.
Сепак, во Париз кон плоштадот Бастилја, новинарите, кои беа присутни и самите како учесници на демонстрациите, забележаа судири меѓу полицајци и антифашистичките милитанти. Полицијата употреби солзавец. Поединци облечени во црно, со антифашистичко знаме, ја пееја песната „Siamo tutti antifascisti“ (Сите сме антифашисти). Млади луѓе во црно формираа барикада пред полицијата. Фрлаа предмети, а полицијата реагираше со гранати со солзавец.
На крстосницата од Булевар Бомарше и улицата на Пастерот Вагнер, во 11-от арондисман во Париз, недалеку од плоштадот Бастилја, неколку демонстранти облечени во црно превртеа комбе, додека во близината гореа неколку парчиња мебел.