Во НОБ прошетка низ меѓународната изложба „На чија страна си?


Во Националната опера и балет (НОБ) во Скопје денеска ќе се одржи прошетка низ меѓународната изложба „На чија страна си?: За неврзаната деколонијална констелација“.

Водачи на турата ќе бидат Бојана Јанева од иницијативата „Најново нормално“ и Ивана Васева, ко-кураторка на изложбата.

Дизајн на изложбата е на Ивана Васева и Филип Јовановски во соработка со Димитар Милев, Тамара Џерков и Сандра Николовска.

-Изложбата „НА ЧИЈА СТРАНА СИ: За неврзаната деколонијална констелација“ планира да направи скок во времето. Таа го поврзува сегашното глобално геополитичко преструктуирање предизвикано од војната во Украина со наследството на Движењето на неврзаните во неговите основни принципи – антиколонијализмот и (транс)националната солидарност, и повикува одново на радикална реинвенција на светот и уметноста во него. Парафразирајќи го размислувањето на Франц Фанон кое го пренесува Хоми К. Баба, „На чија страна си?“, што е всушност едно од горливите прашања пред деколонијалните земји во контекст на Студената војна, оваа изложба сега сака да го постави прашањето – На чија страна сме, всушност, кога ќе одлучиме да заземеме страна и позиција, политички и културолошки? Понатаму, како тоа се манифестира денес врз животот на луѓето? И што можеме да научиме од овие одлуки во минатото?, велат организаторите.

Изложбата ќе биде отворена до понеделник, а влезот е од билетарницата на Националната опера и балет.