Во недела „Скопје трча 10 километри“


Во организација на Сојуз на спортови на Скопје, Атлетска федерација и Атлетски клуб Работнички, в недела на 6 октомври низ улиците на македонската метропола ќе се одржи третото издание од маратонот „Skopje Run 10K“.

По тој повод, денес во Агенцијата за млади и спорт (АМС) се одржа прес-конференција на која беше соопштено дека се е подготвено за маратонот и дека натпреварувачите утре и в сабота ќе можат да ги подигнат стартните пакети.

– Подигнувањето на стартните пакети е на 4 и 5 октомври во кугланата во Спортскиот центар “Борис Трајковски“. На 4 октомври (петок) подигањето на стартните пакети ќе биде од 12 до 18 часот, а на 5 октомври (сабота) од 10 до 18 часот. Потребно е да се приложи документ за идентификација при подигање на стартниот пакет, соопшти Гордана Николовска од Сојуз на спортови на град Скопје.

Директорот на АМС, Дарко Каевски упати апел до сите љубители на спортот да се пријават, а они кои нема да трчаат да излезат низ улиците на Скопје и да ги поздрават маратонците.

– Скопје трча 10К е маратон кој вистински ги претставува вистинските вредности на трчањето, вистинските вредности на спортот и буквално, овој маратон заедно со Виз Ер скопскиот маратон се синоним и вредност на нашата држава. Со нив на најдобар начин го претставуваме трчањето, спортот, државата.

„Скопје Ран 10К“ има натпреварувачки и рекреативен карактер и трета година по ред ја пренесува уникатната порака на спортот, а тоа е забавата, дружењето и секако практикувањето на здравите навики, рече Каевски.

Директорот на трката, Кире Синадиновски објави дека досега се пријавила околу 1.900 учесници од 24 држави.

Покрај трката на 10 км. ќе се одржи и штафетната трка од 2х5 км. Стартот на трката е в недела во 9 часот од пред фонтана „Лотус“ во Градски парк.