Во недела почнува евакуацијата на Македонците од Блискиот Исток – најдена авиокомпанија
Евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток со комерцијални чартер-летови ќе започне во недела, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од Министерството соопштија дека попладнево е склучен договор со авиокомпанија, согласно Законот за јавни набавки и по спроведена соодветна постапка. Според утврдениот план, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање.
Процесот, како што посочуваат, се координира од Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва во регионот.
Според последните податоци, амбасадата во Доха ја контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Амбасадата во Абу Даби, пак, била контактирана од 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и од 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и пет од Кралството Саудиска Арабија.
Министерството повторно ги повика сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони, а сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, тоа да го направат во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви или преку СОС-бројот на Министерството.
Техничките и организациските детали за летовите ќе бидат дополнително утврдени во координација со авиокомпанијата, а граѓаните ќе бидат навремено информирани за сите следни чекори. Министерството наведува дека останува во постојана комуникација со граѓаните и институциите со цел нивно безбедно и навремено враќање. објави Скопје1.мк