Во недела ќе се засадат 3.200 нови садници во Раштак


Во недела, со почеток во 10 часот, Општина Гази Баба во соработка со Здружението на граѓани Treebanks, Македонски шуми, Шумарски факултет и Јавното комунално претпријатие , организира акција за пошумување на дел од падините на Скопска Црна Гора во месноста наречена Сарачево, во непосредна близина на населено место Раштак.

Во рамките на акцијата планирано е да се насадат 3.200 садници од листопадни видови на дрвја- јасен и багрем. Овие типови на садници се препорачани од стручните лица од Шумарскиот факултет а се согласно Студијата за заштита од ерозија на Скопска Црна Гора.

Оваа иницијална акција на Општина Гази Баба е само почеток на поголем проект со крајна цел озеленување и пошумување на цело ерозивно подрачје на територија на Општина Гази Баба. Со тоа се спречува уништувањето на квалитетната почва за земјоделие на пониските терени со наноси од еродивните подрачја, се зголемува зелениот фонд на општината и значително се влијае на подобрување на квалитетот на животната средина.

Во акцијата свое учество најавија повеќе општествено одговорни правни субјекти на територија на Општина Гази Баба.