Во наредните пет години јавни инвестиции од 4 милијарди евра и дополнителни 8 милијарди евра од приватниот сектор


Во периодот 2022 – 2026 година ќе има јавни инвестиции од 4 милијарди евра и дополнителни 8 милијарди евра од приватниот сектор, стапката на раст на домашниот бруто-производ во просек ќе изнесува 5 отсто, а стапката на невработеност ќе се намали на 8,6 отсто, предвидува Планот за забрзан економски раст кој денеска на прес конференција го претставија премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими. Во наредниот период се очекува и намалување на јавниот долг како и на буџетскиот дефицит. 
„Клучна цел е креирање на нови работни места и поттикнување на растот во нашата земја со нови инвестиции, со 5 проценти раст на Бруто домашниот производ и со одржување на стабилен јавен долг“, рече Заев.
Тој објасни дека планот инклузивно и длабински е изработен во комуникација со меѓународните финансиски институции и партнери, комори и експерти.
Планот за забрзан раст има три основни цели: Првата цел е зголемени инвестиции во јавниот и во приватниот сектор. Предвидени се јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра во следните пет години и мобилизирање на дополнителни 8 милијарди евра од приватниот сектор. 
Втората цел е забрзан раст односно забрзување на просечната стапка на економскиот раст од 2,5 отсто колку што изнесуваше во изминатите десет години во просек и 5 проценти просечно годишно во следните пет години.
Третата цел е обезбедување фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.
Во однос на првата цел, како што појасни Заев, планот нуди иновативен пристап до капитал, за финансирање за забрзување на економскиот раст, пристап кој што успешно функционира во Европската унија.

„Покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра, за периодот 2022 – 26 година, финансирани од буџетот, со ИПА фондови и со меѓународни финансиски институции, ќе се мобилизираат повеќе финансиски средства од страна на приватниот сектор“, рече Заев.
Тој додаде дека Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и во приватниот сектор кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на животот, а ќе се концентрирани во повеќе приоритетни области како зелената економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфраструктура и човечки капитал, како и социјална кохезија.
„Планот е комплементарен и усогласен со останатите стратешки документи на Владата како и со Буџетот за 2022 година, кој е во завршна фаза на подготовка. Од особена важност се капиталните инвестиции неопходни за економскиот развој, а кои се реализираат и во услови на пандемија“, рече Заев додавајќи дека за таа цел е механизмот со кои се предвидува наградување на буџетските корисници со висок степен на извршување на капиталните расходи.
Проценките се дека тој може да генерира дополнителни 1,5 милијарди евра капитални расходи во периодот 2020 -26 г.
„Од почетокот на годината до 22 октомври, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 14,2 милијарди денари , или е за 57,4 проценти повисока од истиот период лани“, рече Заев.
Во однос на втората цел на Планот за забрзан економски раст, односно зголемување на просечната стапка на раст на БДП, Заев рече дека таа веќе почнува да се реализира, а самиот раст на БДП од 5,6 проценти во првото полугодие годинава, односно 13, 1 процент во вториот квартал, е потврда дека економијата се враќа на патеките на брзиот раст.

„Неодамна и Светска банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП од 3,6 на 4,6 отсто што ги надминува дури и нашите проекции за раст од 4,1 процент“, рече Заев.
Тој нагласи дека активноста на приватниот сектор ќе се зголеми преку воведување нови начини на пристап до капитал, инструменти, фондови и извори на финансирање со кои се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа се делува на зголемување на вкупните инвестиции, на забрзан раст на БДП и ќе се забрза отворањето на нови работни места.
„Невработеноста сега е на ниво до 15,9 проценти, што е најниско ниво во поновата македонска историја. Согласно планот со растот на инвестициите стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 54,3 проценти во 2026 година, а стапката на невработеност за прв пат да влезе во едноцифрена зона до 2026 година од 8,6 отсто“, рече Заев.
Третата цел е обезбедување фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг. Во таа насока, Заев рече дека поволните макроекономски случувања ќе ги подобрат јавните финансии што ќе доведе до фискална одржливост со намалување на јавниот и јавно гарантираниот долг под 60 проценти од БДП во 2026 година. Дополнително напорите за фискална консолидација ќе го сведат буџетскиот дефицит на ниво од 2,2 проценти од БДП во 2026 година.
„Овој план ќе ја зацврсти констатацијата дека Северна Македонија е земја со предвидливи услови и клима за инвеститорите бидејќи ги содржи основните аспекти кои се од примарна важност за домашните и за странските инвеститори. Планот е приказ на изворите на финансирање, областите и секторите во кои ќе се инвестира, финансиски инструменти атрактивни за инвеститорите, целосна мапа на реализација на истиот“, рече Заев.
Тој нагласи дека лично дава целосна поддршка на овој план бидејќи, како што рече „документот предвидува решенија за зајакнување на оние сегменти кои се увидени слабости на системот, како на пример поставување институционална рамка која гарантира зајакнување на капацитетите и високо ниво на реализација и имплементација на основните задачи кои ги поставуваме“.

Министерот за финансии Бесими истакна дека Планот е продолжение на сите мерки што беа преземени за справување со кризата предизвикана од пандемијата од Ковид-19.

„Пандемијата која се појави минатата година предизвика длабока здравствена и социо-економска криза. Создаде потреба да реагираме брзо и навремено зa што дизајниравмe мерки за заштита на здравјето и шест пакети економски мерки во износ од над 1 милијарда евра. Сега пак со Планот за забрзан економски раст продолжуваме понатаму и ќе одговориме на потребите за поддршка на заздравувањето и на повторниот раст на економијата, истовремено обврзувајќи се да спроведеме фискална консолидација на среден рок, односно да го намалиме и буџетскиот дефицит и јавниот долг“, рече министерот Бесими.

Тој нагласи дека Планот за забрзан економски раст е реализација на она што беше најавено во Буџетот за 2021 година, односно Стратегијата за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth, Политиките за буџетска консолидација од 2021 до 2025 година и Планот на јавни инвестиции 2021-2025 година.

„Планот е комбинација на традиционални и иновативни инструменти за финансирање. Предложени инструменти преку кои ќе се обезбедува финансирањето на проектите во планот се: механизмот за поголема ефикасност на капиталните расходи, развојната обврзница, проектните обврзници, зелените обврзници, обврзница индексирана на инфлација, јавно-приватните партнерства, управувањето со јавни средства, гарантната шема, Фондот за енергетска ефикасност, Фондот за локален и регионален развој, Фондот за истражување и развој, Фондот за поддршка на мали и средни претпријатија за нивен раст и развој, Стратешкиот зелен инвестициски фонд, Фондот за зголемување финансиски средства, Фондовите за ризичен капитал, и групното финансирање (краундфандинг)“, истакна министерот Бесими.

Планот за забрзан економски раст ќе поддржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор, кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, а ќе се концентрирани во повеќе приоритетни области: зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичката инфраструктура и човечкиот капитал, како и социјална кохезија.