Во нацрт-документите за самитот на ЕУ засега нема ништо за спорот меѓу Бугарија и Македонија

Дали наместо за проширувањето европските лидери најголем дел од сискусијата ше го потрошат на предлогот на макрон за „европска политичка заедница“?


 

Додека јавноста е крената на нозе околу францускиот предлог за кревање на бугарското вето (а и поделена дали македонските власти веднаш да го отфрлат пред сите други) во документите што се подготвуваат за самитот на ЕУ околу проширувањето засега не се споменува ништо околу спорот меѓу Бугарија и Македонија. Тоа го наведуваат српската агенција Бета и „Еурактив.рс.“ кои имале увид во овие нацрти.

Во нив повеќе се зборува за иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за „европска политичка заедница“, отколку за изнаоѓање пат за земјите кандидати од регионов. Во овие нацрт-заклучоци не се наведуваат ниту решенија за барањата за кандидатски статус на Украина, Молдавија и Грузија, затоа што земјите на Унијата се поделени.

Во нацрт-заклучоците што треба да ги усвои Европскиот совет на самитот 23-24 јуни, предложената „европска политичка заедница“ нема да ги замени постоечките политики на ЕУ, вклучително и проширувањето, туку ќе ги надополни, а земјите во процесот на европска интеграција од Западен Балкан се повикани да продолжат со реформите и да ги решат отворените прашања, вклучително и дијалогот Белград-Приштина.

Според нацрт-документот, Европскиот совет одржал „стратешка дискусија“ за односите меѓу ЕУ и нејзините партнери во Европа и го разгледал предлогот за започнување на „европска политичка заедница“.

Заедницата ќе им понуди на европските земји надвор од ЕУ координативна политичка платформа и би можела да се однесува на Западен Балкан, придружните земји од Источното партнерство и други европски земји со кои ЕУ има блиски односи.

Целта би била да се забрза политичкиот дијалог и соработката за прашања од заеднички интерес со цел зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.

„Таквата рамка нема да ги замени, туку ќе биде комплементарна на постојните политики и инструменти на ЕУ, особено проширувањето, и целосно ќе ја почитува автономијата на ЕУ за одлучување“, се вели во нацрт-заклучоците.

Во заклучоците за Западен Балкан се наведува дека ЕУ ја изразува својата целосна посветеност на недвосмислената перспектива за членство на регионот во ЕУ и повикува на забрзување на процесот на европска интеграција.

„Европскиот совет ги повикува Комисијата, високиот претставник и Советот дополнително да промовираат прогресивна интеграција меѓу ЕУ и регионот за време на самиот процес на проширување на реверзибилен начин и заснован на заслуги“, се вели во документот.

Во исто време, Европскиот совет ја нагласува важноста на реформите, особено во владеењето на правото и особено оние кои се однесуваат на независноста и функционирањето на судството и борбата против корупцијата.

Се повикуваат и партнерите од регионот да ги гарантираат правата и еднаквоста на малцинствата, што може да се однесува на Македонија, но и за сите други земји во регионов.

Во нацрт-заклучоците се наведува и дека Европскиот совет ја потврдува итноста за постигнување опиплив напредок во решавањето на отворените билатерални и регионални спорови, вклучително и во дијалогот Белград-Приштина за поддршка на нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово.

Европскиот совет, исто така, го поздравува политичкиот договор постигнат претходно овој месец во Брисел од страна на лидерите на Босна и Херцеговина, потребен за стабилноста и функционирањето на земјата.

Политичките водачи на БиХ се повикани брзо да ги спроведат своите обврски од договорот, што ќе и овозможи на земјата да постигне напредок на европскиот пат и кон статусот кандидат за ЕУ.

Што се однесува до Украина, во документот се наведува дека биле разгледани различни димензии на руската агресија врз таа земја и се наведува дека Европскиот совет „цврсто стои“ со Украина и дека ЕУ ќе продолжи силно да ја поддржува нејзината економска, воена, социјална и финансиска отпорност, вклучително и хуманитарна помош.

Тоа што не се споменува спорот меѓу Бугарија и македонија во оваа фаза на подготвувањето на заклучоците во голема мерка е разбирливо, затоа што засега нема никаков одглас од земјите членки кои го добија францускиот предлог. Особено не од Бугарија. Наредниве два-три дена ќе биде клучната расправа за него на амбасадорско и на министерско ниво, а потоа и на лидерско. Ако во среда преживее владата на Кирил Петков, што во овој момент е малку веројатно. (Н.В.)