Во моментов се разговара за 3 милијарди странски инвестиции, вели Заев


Премиерот Зоран Заев вечерва изјави дека во моментов се преговара за три милијарди странски инвестиции, но дека тој би бил среќен да се оствари и 10 отсто од нив – што значи 300 милиони евра. Тоа би било 2,7 отсто од БДП, рече Заев во гостувањето во емисијата „кономски магазин“ на Алсат. За него е важно да се прифати миграцијата на капиталот од Кина и Азија, бидејќи стануваме важна раскрсница, како што се случува со енергетиката.

„Ќе продолжиме да им помагаме на компаниите, за нас сите компании се домашни, но суштината е како да направиме поголем нето ефект во домашните компании. Мора да ги направиме домашните компании капацитетни, да се борат на странскиот пазар и тоа да биде конкурентно. Со ваква продуктивност од 43 проценти не можеме да се бориме.

Сите мораме да работиме, да ја кренеме продуктивноста и тоа на крајот на денот ќе ја крене економската основа на стандардот на граѓаните“, рече Зоран Заев.