Во Македонија годинава евидентирани се 4 случаи на лајшманиоза и 1 случај на денга

Крлежите пренесуваат лајмска болест и конго-кримска хеморагична треска. Лајмската болест се карактеризира со кружен осип кој се шири, болки во зглобови, замор. Денга, пак, пренесуваат комарци, а симптоми на болеста се висока температура и болка зад очите. Симптомите за ова болест се слични на грип и може да се појават од 3 до 14 дена по убодот


Фото: Б. Грданоски

Четири случаи на болеста лајшманиоза и еден случај на болеста денга се евидентирани во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), информираат оттаму за Мета.мк. Лајшманиозата ја пренесуваат песочни мушички, а болеста се карактеризира со рани кои тешко зараснуваат, треска, губење на тежина, анемија, зголемен црн дроб и слезина. Денга, пак, пренесуваат комарци, а симптоми на болеста се висока температура и болка зад очите. Симптомите за ова болест се слични на грип и може да се појават од 3 до 14 дена по убодот.

„Во последните години имаме неколку случаи на денга, ова е трет. Првите два беа импортирани, третиот засега не можеме да знаеме дали е импортиран или е автохтон. Лајшманиоза има секоја година, поединечни случаи, не се поврзани и се од различни региони“, вели за Мета,мк епидемиологот д-р Драган Кочински.

Со климатските промени и зголеменото патување, болестите што ги пренесуваат комарци, болви, крлежи и други инсекти, се појавуваат и во Македонија. Многу од овие болести се веќе присутни кај нас – лајмската болест, западно-нилска треска, хеморагични трески, туларемија, а други како маларија, денга, чикунгуња, потенцијално може да се внесат во државата. Некои од нив се регистрираат во ендемска форма, но неретко се појавуваат и во епидемиска форма.

Институтот за јавно здравје информира за симптомите и превенцијата од овие болести, за да може на време да се препознаат и третираат, а во исто време потсетуваат дека одделението за вирусологија располага со соодветни реагенси за дијагностика на овие заболувања.

Комарците пренесуваат западно-нилска треска, маларија, денга. Симптомите кај западно-нилска треска се главоболка, треска, болки во мускули, осип, замор. Маларијата се карактеризира со висока температура, треска, повраќање. Симптомите за овие болести се слични на грип и може да се појават од 3 до 14 дена по убодот.

Крлежите пренесуваат лајмска болест и конго-кримска хеморагична треска. Лајмската болест се карактеризира со кружен осип кој се шири, болки во зглобови, замор. Оваа болест се шири на европскиот и американскиот континент. При болеста, пак, конго-кримската хеморагична треска, нагло се покачува телесната температура, има болки во грлото, дијареа и повраќање.

Мета.мк веќе пишуваше дека глобалното затоплување може да ни донесе маларија, зика, лајмска болест и други заразни заболувања. Епидемиологот д-р Драган Кочински, во однос на заштитата на населението од овие болести, кажа дека потребна е елиминација на гнездата за размножување.

„Да не се оставаат отворени буриња, канти, контејнери, пловни објекти и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница, а олуците редовно да се чистат за да се овозможи на водата да истекува. Потоа, треба да се обезбеди заштита од каснување – носење на соодветна облека со ракави и примена на репелентни средства во облик на лосион, аеросол спреј или крем на кожата за да ги одвратат комарците и да се избегне нивното „хранење со крв” (крвта од организмот служи за развој и исхрана на новите ларви на комарците). Треба да се користат миризливи свеќи како репелентни средства во надворешни услови (градина, двор)“, рече Кочински.