Во Линц нови апсења на осомничени за терористичкиот напад во Виена
Уште еден осомничен за терористичкиот напад во Виена уапсен е во акција на специјалната единица „Кобра“ и агенцијата за заштита на уставниот поредок во Линц.
Како што пишува „Кронен цајтунг“, сведоци го виделе апсењето на еден маж, а истражителите одвеле една или две жени.
Според првите информации уапсениот маж во Линц, како и главниот напаѓач кој е застрелан синоќа во Виена, биле познати како исламисти. Во текот на апсењето немало пукање.
Убиениот напаѓач идентификуван е како Кујтим Фејзулаи, а министерот за внатрешни работи на Австрија Карл Неамер, потврди дека минатата година бил осуден заради обид за придружување на Исламска држава.
Се работи за 20-годишник чии родители се Албанци од Македонија, а имал двојно државјанство и е познат на полициските органи од порано. Неамер рече дека Фејзулаи без сомнение бил приврзаник на ИД, и дека на 25 април лани бил осуден на 22 месеци затвор поради обид да замине во Сирија за да се приклучи на таканаречената Исламска држава.
Порано во Виена и во Санкт Полтен уапсени се 12 осомничени, кои се со потекло до Чеченија и Југоисточна Европа, пренесе порталот „Хеуте“.
Виена и другите австриски градови се блокирани од утрово, а бројни полициски сили вршат претрес и истражуваат дејства поврзани со синоќешниот напад во кој настрадаа пет луѓе.