Во Лажани поплавени 50 куќи, се евакуираат жители


Поплавени се 50 куќи во село Лажани, општина Долнени, откако пороен дожд вечерва го зафати Пелагонискиот регион.

Градоначалникот на општина Долнени Урим Ибески за МИА изјави дека повредени нема и оти причина за полавата е излевањето на Саждевска река.

-Причина е излевање на реката, која поради невремето, како и несовесната градба и отпад, поплави поголем број на куќи, рече градоначалникот.

Информира дека има евакуирани граѓани, и тие вечерта ќе ја поминат кај роднини и пријатели.

Во моментот на терен се наоѓат екипи на Центарот за управување со кризи, противпожарни возила, како и граѓани кои со трактори кои им помагаат на екипите.

Претходно од ЦУК соопштија дека попладнево општина Прилеп, Долнени и Кривогаштани беа зафатени од поројни дождови кои предизвикаа поплавување на повеќе населени места од општина Долнени.

Поплавување има во селата Лажани, Дебреште и Житоше.

-Најкритично е во село Лажани каде поголем дел од селото е под вода. Водата има навлезено во куќите, соопшти ЦУК.

За состојбата со поплавите запознаен е и градоначалникот на општина Долнени, ДЗС Прилеп и ПС Ропотово.