Во Куманово два меѓународни саеми: „Органска трпеза“ и „Агро-Мак“

Почнаа меѓународните саеми, осмиот на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ и четвртиот меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработка „Агро-Мак“ пред спортско рекреативниот комплекс „Базени“ во Куманово. Бројни излагачи од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Бугарија и Унгарија ги презентираа своите продукти пред кумановци. Организаторите, Здружението за развој на земјоделство и заштита на животната средина „Живот“, Комората на органски производители на Македонија и компанијата „Адут ГВН“, се презадоволни од одѕивот на излагачите и велат дека секоја година имаат за 30 проценти повеќе.
– Богата е понудата за сите, органско производство, различни продукти сега пред сезона на зимници, чаеви, мед, до најсовремена опрема, метеоролошки станици, дронови, важни за земјоделството. Почнавме како локална иницијатива промовирајќи органско производство. Подоцна увидовме дека има и останатите производители им е потребна одредена промоција за оние кои не се органски, ама произведуваат домашни производи, џемови, зимници дека мора некаде да се промовираат. И драго ни е што секоја година имаме повеќе излагачи, изјави претседателот на oрганизацискиот одбор на саемите, Драган Цветковиќ.
Саемите се организираат со поддршка од Општина Куманово и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска истакна дека ќе продолжи поддршката за оваа манифестација на која покрај локални кумановски се нуди и домашно македонско производство како и призводство на земјите од Балканот.
Државниот секретар во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски посочи дека Министерството ги поддржува иницијативите преку мерките за поддршка на локални манифестации.
– Веруваме дека локалниот економси развој, промоцијата на домашното производство, се клучни за одржлива иднина на нашиот агро-сектор. Денеска сме заедно тука во улога на преработувачи, производители, потрошувачи, иноватори експерти, институции се со една заедничка цел-да ја истакнеме вредноста на здравата, квалитетна и домашна храна, да ги промовираме модерните земјоделски практики и техники, да ја зајакнеме замената соработка и поддршка, рече меѓу другото Серафимовски.
И директорот на Царинската Управа, Бобан Николовски, се обрати на настанот, укажувајќи дека иницијативата за вакви саеми е важна зашто ги поврзува храната, технологијата и иновациите во земјоделството.
– На владино ниво континуирано се преземаат мерки за унапредување на услови за развој на земјоделскиот сектор. Царинската управа преку подобрување на процесите и ослеснување на легалната трговија создава стабилна основа за зголемување на произвдство и конкурентноста на македонските земјоделски производи, рече Николовски.
Како што наведе во обраќањето пред присутните важно е да се поддржат малите фирми и да се овозможи рамномерен регинален развој.
– Царинската управа работи на олеснување на забрзување на царинските постапки, на целосна дигитализација и креирање услови за транспарентна и фер економија. Истовремено имаме значајна улога во заштита на здравјето на граѓаните преку безбедна и сигурна трговија со храна со проверено потекло, кажа Николовски.
Царината кажа тој, преку модернизација и дигитализација ќе настојува да го скрати времето на царинење и да се зголеми конкурентноста на домашните производи, на компаниите, да се обезбеди сигурност и доверба кај домашните потрошувачи.
За време на тридневниот саем предвидени се гастрономска манифестација со натпреварувачки карактер и ревијална изложба на домашни миленици и украсна живина.
Гоце Младеновски од Радовиш произведува сушено овошје и зеленчук и е петта генерација во семејството која се занимава со овој процес. Побарувачката,како што вели, е голема и тој како мал производител ги користи саемските манифестации да се доближи до потрошувачите од Македонија.
Пчеларот Перо Дабевски од Гостивар е долгогодишен професионален пчелар и работи со лековити билки од недопрената природа на полошкиот крај, нуди тинктури, мелеми.
– Добро е што сите почнаа да се враќаат на вистинска храна, се повеќе се бара органско производство, многу внимаваат младите да се хранат квалитетно и здраво, вели Дабевски.
И нивен колега од Србија, Ивица Костиќ се согласува дека се повеќе се бара органското производство.
– Побарувачката за производи е сè поголема, се обидуваме во сите сегменти да ги задоволиме потребите на пазарот. Произведувам мед со географска ознака „Власински мед“ што подразбира да е органско производство. И добро е што граѓаните купуваат органско, но море да потенцирам дека е и поскапа за околу 30-тина проценти, вели Костиќ.
Организаторите посочуваат дека ваквите настани претставуваат можност за промоција на органски и традиционални производи, презентација на современи земјоделски технологии и иновации, како и поврзување со нови пазари и бизнис-партнери. Со тоа, како што истакнуваат, се унапредува агросекторот, се поттикнува регионалната и локалната економија, а воедно се создава простор за вмрежување и размена на искуства меѓу учесниците.