Во кружната градинка во Волково сместени 150 деца


Градинката „Сонце“ во Волково, која е архитектонски бисер, со кружна форма, па на децата им обезбедува заштитен простор надвор, денеска беше пуштена во употреба од премиерот Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, директорот на Канцеларијата на Светска Банка за Северна Македонија и Косово, Масимилиано Паолучи и градонаќалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски. 

Со изградбата на овој објект, жителите на Волково, за прв пат, добиваат градинка, со што се решава нивниот повеќедецениски проблем, порачаа политичарите.

– Денеска, тука во скопско Волково, сме за најмалите и најмилите и за една убава вест не само за децата туку и за родителите – за прв пат Волково добива градинка! Изградивме уште еден објект, уште една градинка, која, верувам, ќе донесе многу детски насмевки – порача премиерот Ковачевски.

Градинката во Волково е изградена според современи стандарди и има капацитет за згрижување на 150 деца. Вкупната вредност, вклучувајќи ја и опремата, е близу 1,7 милиони евра, средства обезбедени преку Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светска Банка и со поддршка на Општина Ѓорче Петров.

-Чест ми е што во мојот мандат, заедно со мојот тим и со финансиско учество на општината од девет милиони денари го завршивме овој грандиозен објект. Дечињата во овој објект ќе бидат згрижени почнувајќи од понеделник во возрасни групи од 9 месеци до 6 години, поделени во седум групи, порача денеска градончалникот на Ѓорче Петров Александар Стојкоски.

Тој рече дек веќе аплицирале со проект за нова детска градинка во Дексион, а изработен е и проект за нов објект во Стопански Двор.

Градинката „Сонце“ е готова од пред локалните избори, но за доцнењето на нејзиното пуштање во употреба објаснувањето беше дека фалат пари за ограда на терасата која го обиколува целиот покрив на градинката.

Архитектите кои ја осмислија оваа градинка, ја добија наградата за најдобар архитектонски проект од претседателот Стево Пендаровски. 

Независен.мк, за овој објект пишуваше во октомври 2021 година. Погледнете го и тој текст:

Градинка во форма на круг – архитектонски бисер во Волково