Во Кочани не се откажуваат од дивоградбите, место да ги урнат му се закануваат на градоначалникот

„Некои угостители во Кочани свесно ја злоупотребуваат довербата на јавноста. Без никакво одобрение, уплаќаат средства на јавно достапни сметки на општината само за да создадат лажна слика дека имаат дозвола за користење на јавен простор. Во реалноста, никоја од дивоградбите во трговскиот центар нема добиено легално одобрение ниту за април, ниту за мај. Овие објекти се незаконски, опасни и поставени без никакво одобрение! Уште полошо, испраќаат слики до Инфомакс и ја манипулираат јавноста и водителите, глумејќи легалност каде што нема ни трага од неа“, напиша на социјалните мрежи Венко Крстевски, вршител на должноста градоначалник во Кочани.
„Прашувам: Ако утре уплатам пари на сметка од општина Скопје, дали автоматски имам право да градам на било која градска/државна јавна парцела без дозвола?! Барам извинување за пласирањето на овие неточни информации бидејќи сите сме луѓе и може да погрешиме, но и барам новинарите да ја проверат секоја “дозвола” пред да ја прикажат како факт. Закони постојат. Безбедноста на граѓаните е поважна од комерцијални и лични интереси“, порача тој.
Откако дојде на функцијата Крстевски се обидува да расчисти со илегалните објекти и корупцијата кои зедоа животи во Кочани, каде што очигледно манир на работење било да се функционира илегално и да се избегнуваат дозволи и стандарди. Тој речиси секојдневно ги повикува сопствениците да си ги тргнат дивоградбите и да не чекаат да заврши тендерот за нивно уривање, но место тоа добива закани.