Во Кочани е страшно, пожарот навлезе во градот


Силниот ветер што денеска дуваше попладне го стави во огнен обрач Кочани, а пламените јазици веќе почнуваат да го зафаќаат градот. Очај и паника завладеа меѓу неговите жители, затоа што изгледа нема начин како во моментов да се спречи ширењето на пожарот.

Градоначалникот Николчо Илиев за „360 степени“ изјави огнот го гаснат со петте противпожарни возила што ги имаат, а едно веќе изгорело. Ситуацијата се влошува затоа што не можат да добијат помош од околните градови затоа што и таму избувнуваат пожари.

„Во регионов во секое населено место има пожари, не може никој да ни излезе во пресрет, состојбата е очајна. Разговарав со ЦУК повеќе пати, ги молев да ни дадат еден хеликоптер. Нема и нема. Не знам што ќе ни донесе ноќта“, изјавил Илиев.

Според јавувањата на кочанци по социјалните мрежи најпогодена била улицата „Васил Главинов“, нејзините жители беагаат од таму, а многу граѓани доаѓаат да помогнат за да се спречи ширењето на пожарот. Граѓаните велат дека ветерот бил многу силен и огнот се шири како молња.

Според зборовите на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, во земјата во моментов има 13 активни пожари. „Најсериозна е состојбата во општина Старо Нагоричане, каде што огнот е до куќите на селата Кокино и Степанце… Хеликоптер на армијата во овој момент почнува да дејствува на ова подрачје“, рече Ангелов во изјава за Телма.  и додава дека состојбата е сериозна и во Македонски брод и Делчево, а сериозен пожар има и во општина Липково.

Претседателот Стево Пендаровски издаде наредба војската да се вклучи во гаснење на пожарите.

Поради неверојатно тополото време и температури над 40 степени ситуацијата може дополнително да се влоши во наредните денови.