Во Кенија се урна мал авион, се стравува дека загинале 12 лица (видео)


Мал авион се урна рано утрово во крајбрежниот регион Квале во Кенија, додека летал кон Националниот резерват Масаи Мара. Се стравува дека сите 12 лица во авионот загинале во несреќата, соопштија официјални лица.

Според властите, несреќата се случила во ридско и шумско подрачје, на околу 40 километри од аеродромот Диани. Стивен Оринде, комесар на округот Квале, изјави дека операциите на местото на несреќата се во тек и оти повеќе детали ќе бидат објавени подоцна.

Кениската управа за цивилно воздухопловство соопшти дека во авионот имало 12 лица и оти властите истражуваат причината за несреќата.

Националниот резерват Масаи Мара, кон кој се упатил авионот, е популарна туристичка дестинација, позната низ целиот свет по годишната миграција на гнуа од Серенгети во соседна Танзанија.