Во јули откриени три од вкупно пет случаи на лајмска болест годинава

Во тековната година, односно во период од седум месеци, во земјава се регистрирани пет случаи на лајмска болест (lyme borreliosis), од кои три се евидентирани во јули, а еден во јуни и еден во април, потврдуваат за Мета.мк во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Сите заболени лица се од Скопје. За споредба, лани за цела календарска година имало два случаи – еден во Гевгелија и еден во Тетово.
Лајмската болест се пренесува преку убод на заразен крлеж – најчесто од родот Ixodes (во Европа често Ixodes ricinus). Раните симптоми, кои се појавуваат во рок од неколку дена до недели по каснувањето, вклучуваат карактеристичен кружен осип наречен еритема мигранс, треска, главоболка, замор и болки во мускулите или зглобовите. Доколку не се лекува, Лајмската болест може да напредува и да ги зафати зглобовите, срцето и нервниот систем, што доведува до потешки симптоми.
Вектор-преносливите заболувања се карактеристични за овој период од годината, за што епидемиолозите предупредуваа неодамна. Со климатските промени и зголеменото патување, болестите што ги пренесуваат комарци, болви, крлежи и други инсекти, се појавуваат и во Македонија. Многу од овие болести се веќе присутни кај нас – лајмската болест, западно-нилска треска, хеморагични трески, туларемија, а други како маларија, денга, чикунгуња, потенцијално може да се внесат во државата. Некои од нив се регистрираат во ендемска форма, но неретко се појавуваат и во епидемиска форма.
„Во 2024 година, имавме пет случаи на западно-нилска треска, како и еден смртен случај како последица на боеста. Во 2025 година нема евидентиран случај. Во Институтот за јавно здравје се направени тестови, 25 PCR и 16 IGG и IGM и сите се негативни. Последниот негативен тест е направен завчера кај патник од Египет“, велат во ИЈЗ за Мета.mk.
Комарците пренесуваат западно-нилска треска, маларија, денга. Симптомите кај западно-нилска треска се главоболка, треска, болки во мускули, осип, замор. Маларијата се карактеризира со висока температура, треска, повраќање. Симптомите за овие болести се слични на грип и може да се појават од 3 до 14 дена по убодот.
„Енцефалитисот што го пренесува крлеж и лајм борелиоза (лајмска болест), се двете најважни болести кои се пренесуваат преку крлежи во Европа, и двете се пренесуваат првенствено преку Ixodes ricinus. Неколку европски земји објавија дека Ixodes ricinus мигрирале на север и на повисоки надморски височини. Лајм борелиоза има пријавена инциденца од приближно 65.000 случаи годишно во ЕУ. Просечното годишно известување се зголеми за приближно 400 отсто во европските ендемични области во текот на изминатите 30 години, иако тоа е речиси сигурно резултат на поцврсти методи за откривање и дијагноза. Високата инциденца на двете болести е во корелација со благи зими и топли, влажни лета“, изјави во интервју за Мета.мк, епидемиологот д-р Драган Кочински.
Со оглед на тоа дека комарците пренесуваат болести, лекарите предупредуваа населението да не остава отворени буриња, канти, контејнери, пловни објекти и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница, а олуците редовно да се чистат за да се овозможи на водата да истекува.
„Треба да се обезбеди заштита од каснување – носење на соодветна облека со ракави и примена на репелентни средства во облик на лосион, аеросол спреј или крем на кожата за да ги одвратат комарците и да се избегне нивното „хранење со крв” (крвта од организмот служи за развој и исхрана на новите ларви на комарците). Треба да се користат миризливи свеќи како репелентни средства во надворешни услови (градина, двор)“, велат епидемиолозите.
Институтот за јавно здравје информираше за симптомите и превенцијата од овие болести, за да може на време да се препознаат и третираат, а во исто време потсетуваат дека одделението за вирусологија располага со соодветни реагенси за дијагностика на овие заболувања.