Во јануарските сметки за струја ќе нема надоместок од 200 денари за пристап до мрежа
Во јануарските сметки за електрична енергија ќе го нема трошокот од 200 денари за пристап со мрежа. Овој надоместок беше пропишан да важи од 1 јануари, а со оглед дека отчитувањето на броилата се врши од 15 декември до 15 јануари, тој беше вклучен во сметките кои граѓаните веќе ги добиваат.
“Надоместокот е согласно одлуката на за РКЕ. Не е згрешено од страна на Електродистрибуција, но за да се зголеми довербата кај потрошувачите и да нема шпекулации дека некој прави екстра профит донесена е одлука во јануари да нема трошок од 200 денари за пристап до мрежа”, изјави на прес конференција претседателот на Регулторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Во наредните сметки оваа ставка ќе постои.
Тој нагласи дека надоместокот е вкалкулиран согласно одлуката на РКЕ.
-Одлуката стапи во сила од 1 јануари. Во самите сметки веќе има потрошувачка која се однесува и на јануари и поради тоа го ставиле, значи не згрешиле, но за да ја зголемиме довербата во јануарската сметка ќе го нема тој надоместок за да знаат граѓаните дека никој не остварува екстра профити и тука да бидеме начисто. Тоа го правиме едноставно за да ја зголемиме довербата помеѓу потрошувачите и помеѓу операторот на електродистрибутивниот систем. Значи, не станува збор за никаква грешка, прецизира Бислимоски.
Појасни дека има четири отчитувачки групи и во секој месец опфаќа и период од еден месец и од тој што следи.
Апелираше граѓаните да ја искористат можноста за самоотчитување на броилата.
-До РКЕ во однос на сметките за електрична енергија има стигнато помеѓу 10 и 15 поплаки од граѓани. Ние тие ги водиме како претставки и понатака бараме информација од операторот на електродистрибутивниот систем којшто е должен да ни одговори и врз основа на тие приговори потоа РКЕ носи одлуки. Значи, уште еднаш апелираме граѓаните да ја искористат можност за самоотчитување. Тоа го имаме воведено пред неколку години. Таа состојба на броилото која што ќе ја отчита граѓанинот е задолжителна за ЕВН да ја имплементира во нивните сметки, порача Бислимоски.
Граѓаните, како што кажа, претставка прво доставуваат до ЕВН Хоум, потоа ЕВН Хоум доколку ги одбие поднесуваат приговор до РКЕ.
-Ние сме второстепен орган во целата таа постапка и граѓаните се добро информирани и знаат. Тоа го работиме веќе 15-20 години, добиваме претставки од граѓаните и ние ги решаваме, посочи Бислимоски.